Тркач аматер од Етиопија трет на маратонот во Њујорк

35
Гирма Бекеле Гебре (десно) со медалот освоен во Њујорк

Гирма Бекеле Гебре (26) ја почна трката меѓу 50.000 аматери (од вториот старт) и дури мораше да плати котизација од 300 долари за да настапи. На крајот како награда за третото место тој доби 40.000 долари, плус бонус од 15.000 долари за истрчаната трка под 2,09 часа

Етиопјанецот Гирма Бекеле Гебре (26) се погрижи за сензација на познатиот маратон во Њујорк, кој се одржа минатата недела. Тој го освои третото место, иако трката ја почна од вториот старт (меѓу аматерите) и дури мораше да плати котизација (300 долари) за да настапи. На крајот, како награда за третото место тој доби 40.000 долари, плус бонус од 15.000 долари за истрчаната трка под 2,09 часа.

– Немам спонзор. Немам ниту агент, се натпреварувам индивидуално – изјави Гебре за „Њујорк тајмс“.

Тој забележа време од 2:08,38 часа, заостанувајќи 25 секунди зад победникот, Кениецот Џефри Кипсанг Камворор, светскиот рекордер во полумаратон. Гебре, кој е од Етиопија, е аматер тркач, живее на релација Етиопија – САД, пренесува „Њујорк тајмс“. На интернет-страницата на клубот во врска со него стоеше „не се пронајдени никакви податоци“. Тоа како да беше совршено за правење мит. Тркач аматер, кој ја почнал трката од средината, меѓу аутсајдерите, за набргу да истрча меѓу водечките, а потоа и да биде во водство. Во „морето“ тркачи со едноцифрени броеви, Гебре се издвојуваше со својот стартен број 443.

За разлика од најдобрите маратонци професионалци, кои добиваа специјални пијалаци и храна, Гебре мораше да се задоволи само со вода и обичен сок, како и другите 50.000 учесници.

Во мај годинава Гебре го истрча маратонот во Питсбург за 2:13,46 часа, негов личен рекорд. Дома, во Етиопија, тој тренира со други тркачи на макадамски патишта и во шума, трчајќи понекогаш до 40 км, но никогаш над 30 км на асфалт, наведува „Њујорк тајмс“. Во Њујорк тој трча во локалниот клуб „Вест сајд ранерс“ и, според евиденцијата, досега победил на 13 трки. На две трки има добиено награди, од 1.200 и 1.000 долари.

– Изненаден сум што неговото време беше толку добро. Тој веројатно има истрчано стотина трки во околината на Њујорк, но на нив никогаш не трчале професионалци. Сите етиопски тркачи беа многу возбудени и среќни поради него – рече Бил Стаб (80), пријател на Гебре од „Вест сајд“ и маратонец, ветеран тркач со повеќедецениско искуство.

Гебре рече дека со парите од наградата ќе му помогне на своето семејство, кое има фарма во Етиопија.