Триумф на Надал во една од најемотивните ноќи во неговата кариера

126
Надал има рекордни пет гранслема откако наполни 30 години

Надал слави со 19-от гранслем-трофеј откако го совлада Медведев во пет сета, во едно од највозбудливите финалиња на САД опен, кое се одолжи на 4,5 часа

Шпанецот Рафаел Надал (33) ја освои 19-та тениска гранслем-титула совладувајќи го Русинот Данил Медведев во пет сета со 7-5 6-3 5-7 4-6 6-4, во едно од највозбудливите финалиња на САД опен во Њујорк, кое се одолжи на 4,5 часа. Ова финале беше пократко за само четири минути од двете најдолги финалиња досега, од 2012-та помеѓу Енди Мареј и Новак Ѓоковиќ (7-6, 7-5, 2-6, 3-6, 6-2) и од 1988 година, помеѓу Матс Виландер и Иван Лендл (6-4, 4-6, 6-3, 5-7, 6-4).
– Ова беше една од најемотивните ноќи во мојата тениска кариера. Тоа беше неверојатно финале, луд натпревар – изјави Надал со насолзени очи по мечот откако на големиот екран на стадионот „Артур Еш“ се емитуваа инсерти од неговите најзначајни натпревари.

Надал освои пет гранслема по навршените 30 години, надминувајќи ги со тоа Ѓоковиќ, Роже Федерер, Род Лејвер и Кен Розвел, кои освоиле по четири гранслема. Надал е и вториот највозрасен победник во Њујорк во опен ерата, по Розвел, кој во 1970-та имаше 35 години. Медведев (23) беше најмладиот финалист во Њујорк по Новак Ѓоковиќ во 2010-та кога загуби од Надал.

– Овој трофеј ми значи сѐ. Личното задоволство, начинот на кој се справив со сите тешки моменти, сето тоа е многу големо. Нормално, се обидувам да ги задржам емоциите, но со сите овие факти, тоа е невозможно – рече Надал.
Надал има само една гранслем-титула помалку од рекордните 20 на Федерер, и три повеќе од Ѓоковиќ. Овие тројца тенисери триумфираа на последните 12 гранслема, а последен што ја разби оваа тројка беше Стан Вавринка, кој победи во Њујорк во 2016 година.

Триумфот на Надал, 19-ти во 27 финалиња, значи дека големата тројка, Надал, Федерер и Ѓоковиќ, има освоено 51 од 59-те големи турнири од 2005 година. Прва наредна шанса за Надал да се израмни со Федерер е Мелбурн во јануари, но таму тој немал многу успеси, односно победил само еднаш, пред десет години. Спротивно на тоа, на Ролан Гарос тој е практично непобедлив и има 12 титули, плус две на Вимблдон и четирите во Њујорк.

Наградниот фонд на турнирот во Њујорк изнесуваше рекордни 57,24 милиони долари, од кои Надал доби 3,85 милиони, а Медведев 1,9 милион долари. 


НАЈМНОГУ ГРАНСЛЕМ-ТИТУЛИ

Роже Федерер 20
Рафаел Надал 19
Новак Ѓоковиќ 16
Пит Сампрас 14
Рој Емерсон 12