Трет голем шаховски настан годинава во Македонија – ЕП во забрзан шах

295
Владислав Артемиев

За ЕП во Скопје, кое треба да почне на 6 декември, досега се пријавени 290 шахисти, а во двете конкуренции (забрзан и брз шах) прв е рангиран рускиот велемајстор (ВМ) Владислав Артемиев

На 10 дена до почетокот на 31. Европско поединечно првенство (ЕП) во забрзан и во брз шах во Скопје веќе се пријавени 290 шахисти од 38 држави, но нивниот број се очекува да биде уште поголем. Со овој шаховски настан, кој е во техничка организација на ШК Гамбит Асеко СЕЕ и ШФМ, а поддржан од Европската шаховска унија (ЕЦУ), Македонија годинава третпат е домаќин на големо шаховско натпреварување, по традиционално силниот меѓународен турнир „Опен Карпош“ и Светското првенство (СП) во решавање и компонирање шаховски проблеми во Охрид.

На 6 и 7 декември ќе се одржи ЕП во брз шах во 22 кола (темпо на размислување од двапати по три минути, плус две секунди по секој потег), за награден фонд од 12.050 евра (победникот ќе добие 2.000). На 8 и 9 декември ќе се игра забрзан шах во 13 кола (двапати по 15 минути, плус 10 секунди), за награден фонд од 21.950 евра (за шампионот 4.000 евра).

Во забрзан шах се пријавени 290 шахисти (58 велемајстори, 39 интернационални мајстори…) од 38 држави (најмногу од Македонија, 41, Русија 35, Србија 25, Грција 21…). Во брз шах се пријавени 241 шахист (54 ВМ, 35 ИМ…) од 27 држави (Русија 33, Македонија 29, Грција 21…).

И во двете конкуренции прв е рангиран рускиот велемајстор (ВМ) Владислав Артемиев (2.812, односно 2.825 рејтинг-поени). Од Македонците, ВМ Кирил Георгиев е рангиран седми во забрзан (2.663), односно 20-ти (2.593) во брз шах.

На претходното ЕП во Полска, во 2017 година, настапиле 1.181 шахист од 41 држава, но од нив дури 790 биле Полјаци. Лани триумфираа Русинот Максим Вавулин во забрзан и Белорусинот Сергеј Жигалко во брз шах, но и двајцата засега не се пријавени за ЕП во Скопје. 


Панчевски триумфира на „Опен Скопје“

Интернационалниот мајстор (ИМ), репрезентативец и член на европскиот вицепрвак Алкалоид, Филип Панчевски (2.535, рангиран втор) победи на шаховскиот турнир во забрзан шах „Опен Скопје“, викендов. Меѓу 107 шахисти од Македонија (по четворица ВМ и ИМ, осум ФМ, еден ЖФМ), Панчевски освои 9,5 поени (девет победи, по едно реми и пораз), втор беше ВМ Кирил Георгиев (2.663, рангиран прв пред турнирот) со девет поени, а трет ИМ Дејан Стојановски (2.466, рангиран трет) со 8,5 поени. Најдобропласирана шахистка е Ивана Манова (1.653, рангирана 60-та), која со 6,5 поени го освои 28-то место. Г.И.