Треска и Матка викендов пак во знакот на кајакот

81
Фото: Игор Бансколиев

Меѓу фаворитите за висок пласман на 51-от ИКАС во К-1 се и младите македонски претставници Ангелчо Петрушевски и Христијан Игнатов, како и Љубомир Спасиќ во спустот

На традиционалниот 51. илинденски кајак-слалом „ИКАС 2019“ и на Европскиот куп (ЕК) што викендов ќе се одржи на реката Треска кај Матка, денеска на програмата се полуфиналните трки во К1, а утре финалните трки во К-1, како и натпреварите во спуст/спринт во првото од шесте кола во ЕК.

На ИКАС и на ЕК во вкупно шест дисциплини ќе настапат над 100 кајакари од 10 земји, меѓу нив и од Македонија. Меѓу фаворитите за висок пласман во К-1 се споменуваат и младите македонски претставници Ангелчо Петрушевски и Христијан Игнатов. Во спустот се очекува во трката за највисок пласман да се вмеша Љубомир Спасиќ, кој лани беше меѓу најдобрите 10 во ЕК.

– ИКАС успешно ја продолжува долгогодишната традиција, а ние секоја година се обидуваме да го подобруваме квалитетот на натпреварувачите и да ја засилиме конкуренцијата. Годинава 10-ти пат го организиравме и тренинг-кампот за млади кајакари, кој треба да продолжи и во наредните неколку години под водство на македонските тренери Атанас Николовски и Огнен Бражански. Плановите се натпреварите на Треска во наредните години повторно да бидат настани на кои ќе се натпреваруваат европската и светската кајакарска елита – изјави Коста Ефтимов, претседателот на Кајакарската федерација на Македонија. 


ПРОГРАМА
САБОТА
квалификации 10 ч.
ЕК во спуст 13 ч.
НЕДЕЛА
полуфинале 10.30 ч.
финале, кајак 13 ч.