Тениска кокоманија и во Њујорк

39

Младата 15-годишна Коко Гоф стигна до третата рунда на гранслем- турнирот во Њујорк, во која беше елиминирана од бранителката на титулата, Наоми Осака

По Вимблдон од пред еден и пол месец, и во Њујорк, на последниот тениски гранслем-турнир годинава, речиси целокупното внимание на спортската јавност е насочено кон 15-годишната Американка, Коко Гоф. Некои таквата возбуда на медиумите ја објаснуваат со потребата од ново, свежо лице во женскиот тенис, но веројатно тоа се должи и на магнетизмот и на способностите на младата Гоф, која игра како да има двојно повеќе години.

Гоф во Њујорк стигна до третата рунда (во Вимблдон до четвртата), во која загуби од Јапонката што живее во САД и бранителка на титулата, Наоми Осака (21), во два сета, со 6-3, 6-0. По мечот, двете тенисерки не можеа да ги задржат солзите.

– Таа победи и плачеше, а и јас плачев, не знам зашто, сите плачеа. Сакав веднаш да го напуштам теренот, бидејќи не сакам да покажувам силни емоции пред толку многу луѓе, но Наоми ме убеди да останам – изјави Гоф, која е најмладата тенисерка по 1996-та што се пласирала во третото коло во Њујорк.

Осака по мечот во емотивниот говор ѝ се извини на Гоф што играла толку добро! Таа со солзи во очите реагираше и лани, кога ја совлада Серена Вилијамс и првпат победи во Њујорк.

Историјата на женскиот тенис е полна со приказни за тинејџерки што беа „проголтани“ од преголемите очекувања и разни притисоци. Почнувајќи од Џенифер Капријати, која стигна до полуфиналето на Ролан Гарос со 14 години, па Трејси Остин, која ја победи Били Џин Кинг во Вимблдон како 16-годишна тинејџерка, Мери Пирс на 17 години…
Засега, Гоф се чини нема такви проблеми. Тренер ѝ е нејзиниот татко, Кори, чие име и го носи, а мајка ѝ Кенди е поранешна кошаркарка на колеџ и атлетичарка на универзитетот Флорида. Двајцата ги занемарија своите кариери за да ја поддржат својата ќерка во нејзината кариера. Се чини дека младата Гоф е во состојба да ја задржи здравата перспектива меѓу јавноста и приватноста.

– Семејството е многу важен дел од мојот живот – рече таа по Вимблдон, каде што во првата рунда ја елиминира Венус Вилијамс и стигна до четврт-финалето.
На многу начини, Гоф е типична 15-годишна девојка, загрижена за тоа колку „лајкови“ ќе добие на социјалните мрежи. Таа има 137.000 следбеници на Твитер и уште 400.000 на Инстаграм, бројки што драстично пораснаа по Вимблдон.