Таки Џиков добитник на наградата „8 Септември“ за животно дело

86

Професорот Таки Џиков е добитник на наградата „8 Септември“ за животно дело за исклучителен придонес во спортот, соопштено е на денешната прес-конференција во Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Џиков е освојувач на петто и седмо место на младински европски шампионати 1975, 1977; Сениорско Европско првенство, 1979 трето место, Париз Франција; шесто место на Олимписки игри 1980, Москва; Медитерански игри Сплит 1979, прво место и огромен број на остварувања на клупски и екипен план.

– Државната награда „8 Септември“ претставува благодарност од страна на државата до сите оние кој преку спортот успеаја да ја промовираат Република Македонија и да постигнат високи резултати на меѓународно ниво во има на нашата држава. Членовите на Одборот за доделување на државната награда оваа година имаа и тоа како тешка задача со оглед на големиот број апликации и големите резултати на нашите спортски работници – изјави Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт.

Другите четири награди „8 Септември“ со кои се оддава признание на спортисти, тренери, спортски работници се за: Ристо Таков тренер во борење, Сашко Арсовски карате тренер, Владимир Радиќ ракометен тренер и Стеван Гешовски поранешен кошаркар и тренер.

– Секогаш имаме тешка задача. На најчесен, достоинствен начин се одлучивме кои ќе бидат добитниците на наградата. Сите во Одборот ги почитувавме морални вредности, интегритетот, достоинството и можам да кажам дека со крената глава го направивме изборот – рече Ленче Алексовска Величковска, претседател на од Одборот за доделување на награди при АМС.

Наградата за животно дело е доживотна месечна исплата на една просечна плата, додека другите четирите награди се десет просечни плати исплатени во последните три месеци од тековната година.

Наградите на добитниците ќе им бидат врачени в сабота на 8. септември во Собранието на Република Македонија со почеток во 10:30 часот.