Сто отсто рециклирани олимписки медали

42

Според информациите, собрани се потребните скапоцени метали за изработка за петте илјади рециклирани медали за ЛОИ и за ПОИ в година во Токио. Спортистите што ќе се качат на подиумот ќе добијат први одржливи медали во историјата на олимписките игри

Организацискиот комитет на Летните олимписки игри (ЛОИ) и на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио објавил дека собрал доволен број скапоцени метали за да ги изработат сите 5.000 медали за Игрите в година, објавија медиуми од Јапонија. Спортистите што ќе се качат на подиумот в година ќе добијат први одржливи медали во историјата на олимписките игри. Организаторите им се заблагодарија на поддржувачите низ цела Јапонија.

Според информациите, собрани се потребните 32 кг злато, 3.500 кг сребро и 2.200 кг бронза, од околу 79.000 тони електронски уреди, од што повеќе од 6,2 милиони мобилни телефони. Се очекува петте илјади медали за Игрите во 2020 година да бидат произведени од злато, сребро и од бронза собрани од рециклирани мобилни телефони и други мали електронски уреди донирани од јавноста.

Кампањата за рециклирање доби огромна поддршка веднаш откако почна. Со оваа иницијатива, прва од ваков вид за олимписки и за параолимписки игри, луѓето од Јапонија и од други земји учествуваат во успехот на најдобрите светски спортисти. Голем број спортисти од Јапонија и од странство повикаа на акција и донираа сопствени користени уреди.

Како дел од наследството на ЛОИ и на ПОИ во Токио ќе продолжи кампањата за рециклирање и иницијативите за одржливост. Металите што треба да се соберат се планира повторно да се користат за целите на заедницата, вклучувајќи и изработка на медали за локалните спортски настани низ Јапонија.

Организаторите на Игрите, исто така, планираат да рециклираат пластичен отпад од домаќинствата и од морето и да го искористат во изработка на подиумите за церемониите за доделување медали. Освен тоа, униформите за учесниците во штафетата, со која ќе биде носен факелот со олимпискиот оган, ќе бидат произведени делумно со употреба на рециклирани пластични шишиња.

Според информациите, дизајнот на медалите за ЛОИ треба да биде претставен на 24 јули, една година пред почетокот на ЛОИ, а за ПОИ во август.