Стојанов: Ќе биде тешко во реваншот, би бил задоволен со позитивен резултат

60

Во првиот меч од второто квалификациско коло за купот Челенџ, во Карлови Вари, одбојкарите на Вардар загубија со 0-3

Одбојкарите на Вардар загубија од Чез Карловарско со 0-3 (11-25, 20-25, 19-25) во првиот меч од второто квалификациско коло во купот Челенџ на Европската одбојкарска конфедерација. На гостувањето во Карлови Вари, македонскиот тим во првиот сет освои 11 поени, во следните два сета, предводен од Јовица Симовски, кој забележа најмногу поени (18), одигра многу подобро, но, сепак, немаше сили да му парира на поквалитетниот противник. Реваншот е на 26 ноември, во салата „Кале“ во Скопје.

– Карловарско одигра многу подобро, се виде дека станува збор за искусна, квалитетна екипа, на која не може да ѝ се стави ниту една забелешка на победата. Вардар го плати и данокот на неискуството, особено во првиот сет. Неколкумина одбојкари на Вардар првпат се на европска сцена, за разлика од Чесите, кои редовно играат во еврокуповите, и тоа одигра битна улога. Во вториот и во третиот сет одигравме многу подобро, но, сепак, недоволно за освојување барем еден сет. Ќе биде тешко во реваншот, разликата е речиси недостижна, а јас би бил задоволен доколку забележиме позитивен резултат – ни изјави тренерот на Вардар, Деан Стојанов.

За Вардар, кој во 70-тите години од минатиот век, предводен од Владимир Богоевски, беше првак и освојувач на Купот на тогашна СФР Југославија, а настапи и на фајнал-форот во Купот на шампионите, настапот на европската сцена е прв по пауза од дваесетина години, и е своевидна најава за подобри денови на клубот. Вардарци сезонава се засилија со неколкумина искусни и квалитетни одбојкари, како Симовски, Филип Маџунков, Васе Михаилов и други, за освојување на двојната круна (првенство и куп). Во шампионатот на Македонија, по трите кола, „црвено-црните“ имаат максимален ефект, три победи, без загубен сет (како и Струмица џио).