Стојановски ја оправда својата класа во брз шах

375
ИМ Дејан Стојановски

Младинскиот светски првак од 1999 година, Стојановски, го освои 36-то место на ЕП во брз шах во Скопје, додека златото му припадна на Русинот Владислав Артемиев

Задоволен сум од играта, 36-то место и 14-те поени (11 победи, шест ремија и пет порази), во конкуренција 324 шахисти. Завршив пред многу силни велемајстори (ВМ) и заработив нови 62,4 рејтинг-поени, со што ја надминав границата од 2.500, односно сега имам 2.543. Одиграв 14 партии против ВМ, а заедно со Кирил Георгиев бевме најдобрите македонски претставници. Со овој настап уште еднаш на европско ниво ја потврдив мојата класа во брзиот шах (двапати по три минути, плус две секунди по секој одигран потег), со што достојно ја претставив Македонија на ЕП во Скопје – не го криеше своето задоволство светскиот младински првак во брз шах од 1999 година во Валенсија, ИМ Дејан Стојановски (2.481, рангиран 55-ти пред почетокот).
Најуспешен, пак, македонски шахист (од пријавените 62-ца), е ВМ Кирил Георгиев (2.593, рангиран 22-ти), кој со 14,5 поени (12 победи, пет порази и пет ремија) го освои 30-то место.

Златниот медал му припадна на првиот фаворит, ВМ од Русија, Владислав Артемиев (2.825 рејтинг-поени), кој ја освои и паричната награда од 2.000 евра. Во конкуренција на 324 шахисти (61 ВМ, 3 ЖВМ, 49 ИМ, 10 ЖИМ, 33 ФМ, 2 ЖФМ) од 37 држави, по 22 кола собра 18,5 поени. Втор е натурализираниот Азербејџанец од бугарско потекло, ВМ Иван Чепаринов (2.618, рангиран 18-ти) со 17, додека трет заврши ВМ од Чешка, Давид Навара (2.707, рангиран 4-ти) со 16,5 поени.

Завчера и вчера на ЕП во Скопје се играа и партиите во забрзан шах во 13 кола (двапати по 15 минути, плус 10 секунди за секој потег), а по првиот ден во водство беше Азербејџанецот Рауф Мамедов (2.739, рангиран втор) со 6,5 поени од можни седум, меѓу 409 учесници.


Ѓурашевиќ најдобар во решавање шаховски проблеми

Српскиот ФИДЕ-мајстор во решавање шаховски проблеми, Бранислав Ѓурашевиќ, победи на турнирот во решавање шаховски проблеми, што се одржа во Скопје. Нему покрај златниот медал му припадна и наградата од 150 евра. На турнирот, на кој учествуваа 11 решавачи од пет држави (Македонија, Србија, Естонија, Литванија и Австрија), Ѓурашевиќ освои 44 поени, од можните 60.
Неговите млади сонародници, Живојин Перовиќ (кому по доигрувањето му припадна второто место) и Илија Серафимовиќ, двајцата со по 39 освоени поени и исто потрошено време за размислување, завршија на втората, односно третата позиција, при што станаа побогати за 75 евра. Четвртото место му припадна на Естонецот Георг Абозенко со 26,5 поени, додека најуспешен Македонец беше прилепскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) во класичен шах, Роберт Велески, кој со 21 поен заврши како петти.
Предмет на решавање беа 12 шаховски проблеми (два мата во два потега, два мата во три, еден мат во пет, еден мат во шест, две студии, два помошни мата и два самомата). Турнирот успешно го водеше и резултатите ги оценуваше, македонскиот ФИДЕ-судијата во решавање, Иван Денковски. Г.И.