Стадионите се златна кокошка за европските гиганти

145

Во минатото парите од продажбата на билетите значеа повеќе за фудбалските клубови, а сега постојат безброј други начини да се заработи од стадионите, пред сѐ, од разни комерцијални зделки, услуги, специјални понуди…

Фудбалските стадиони во некои градови се вистински икони. „Ноу Камп“ во Барселона, „Сантијаго Бернабе“ во Мадрид, „Сан Сиро“ во Милано, „Енфилд“ во Ливерпул се неколкуте што прво паѓаат на ум. Често тие се важни и за градот, не само како спортска, туку и како туристичка атракција.
Но, како заработуваат пари фудбалските стадиони? Од продажбата на билетите во нивните каси се слеваат доста пари, но тоа не е единствениот начин на заработка за клубовите, иако тоа не е занемарлива ставка. „Олд Трафорд“, на пример, има капацитет од 75.643 места и доколку Манчестер јунајтед наплати само 20 фунти (23 евра) за секој билет тогаш тоа значи заработка од над 1,7 милион евра по меч. Една студија од пред неколку години покажала дека во сезоната 2013/2014, „бебињата“ инкасирале 215,5 милиони евра само од влезниците.

Во минатото парите од продажбата на билетите значеа повеќе за клубовите отколку денеска, кога постојат безброј други начини да се заработат пари. Заработката на Манчестер јунајтед во сезоната 2013/2014 од билетите е малку во споредба со 121,8 милион од ТВ-правата и 222,2 милиони евра од комерцијалните договори.

Нови пари се слеваат и од „домаќинството“, односно „угостителските билети“. Кога неодамна Ливерпул ја отвори новата централна трибина, бројот на такви места двојно се зголеми, со тоа и заработката. Но клубовите заработуваат различно преку т.н. ложи. Лондонските клубови тие пакети ги наплаќаат значително поскапо отколку клубовите од северниот дел на Англија. Ливерпул, на пример, за место на главната трибина има цена од 3.270 евра, а најевтиниот сличен билет на Арсенал за натпревар од т.н. класа Ц почнува од 282 евра. Дури и сите 19 домашни натпревари да бидат класифицирани како класа Ц, што не се, тоа за Арсенал значи заработка од 5.360 евра, по билет.

Фудбалските стадиони се користат и за организирање музички концерти и за други настани од кои се инкасираат дополнителни пари. Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија своевремено објави дека заработката од стадионот „Вембли“ во 2012 година изнесувала 358,6 милиони евра, 12,5 милиони помалку од претходната 2011 година затоа што стадионот организирал помалку настани.

Во минатото стадионите биле именувани според областа во која се наоѓале или, пак, според некоја друга географска одредница во градот. Но откако фудбалот стана глобално популарен спорт, клубовите сфатија дека може да заработат пари доколку на заинтересираните компании им понудат стадионот да го носи нивното име во комерцијални цели. Кога Арсенал одлучи да го напушти стариот стадион „Хајбери“ веднаш побара спонзор(и) за новиот стадион. Во 2004 година „топџиите“ и „Емирати ерлајнс“ склучија договор вреден 100 милиони фунти (112,7 милиони евра), кој предвидуваше стадионот 15 години да го носи името на компанијата „Емирати“, а осум години тоа лого да стои на клупските дресови.

Вообичаено врвните фудбалски клубови нудат и тури за обиколка на стадионот цела година. Челси, Манчестер јунајтед или Ливерпул имаат стадиони што луѓето сакаат да ги посетат, без оглед на личната навивачка припадност. Повеќето клубови имаат и музеи во рамките на стадионите, кои на навивачите им нудат можност да ги видат освоените трофеи и да се потсетат на славното клупско минато, што е само уште еден начин за заработка. 


Најмногу заработуваат Арсенал, Реал, Барселона…

Првата посета на омилениот стадион за секој пасиониран фудбалски навивач, претставува неверојатно чувство на исполнетост и на задоволство, чувство, кое ќе чини шеесетина и повеќе евра за билет. Тоа во крајна линија значи и огромна заработка за најголемите светски клубови. Во продолжение ви ги претставуваме 10-те најпрофитабилни стадиони во Европа.
На првата позиција е стадионот „Емирати“ во Лондон, кој во 2017 година на Арсенал му донел 132 милиони евра што е една третина од годишниот профит. Потоа следува стадионот „Сантијаго Бернабе“ во Мадрид, домот на Реал, со профит од 129 милиони евра. Проекциите се дека со ставањето подвижен покрив Реал ќе ја зголеми заработката на 400 милиони евра. „Ноу Камп“ на Барселона ѝ донесе 116,9 милиони евра, од спонзорства, но и од големиот број посетители, на натпреварите и при обиколката на стадионот.
Од „Олд Трафорд“ најголемиот стадион во Англија, (над 76.000 места) во касата на Манчестер јунајтед се слеале 114 милиони евра. Еден од помалите стадиони на листата „Стамфорд бриџ“ на Челси (41.663 места), на клубот му донесе заработка од 93,1 милиони евра, главно поради високите цени на билетите. Од арената „Алијанц“ во Минхен во касата на Баерн влегле 78 милиони евра. Билетите се со доста разумни цени, поради тоа добро се продаваат, што за клубот значи и редовен паричен прилив на долг рок. ПСЖ (78 милиони евра) на градските власти на Париз за користење на стадионот „Парк на принцовите“ годишно им плаќа 75 милиони евра, но, сепак, прави профит.
Еден од најпознатите светски стадиони е „Енфилд“ на Ливерпул. Со проширувањето на капацитетот на 54.000 седишта, „црвените“ заработуваат како никогаш досега, 75 милиони евра. И покрај тоа што „Етихад“ ретко е распродаден, на Манчестер сити му обезбедува заработка од 57 милиони евра. „Сигнал Идуна Парк“ или попознат како „Вестфален“, кој ретко кога не е распродаден, на Борусија Дортмунд ѝ обезбедува 54,2 милиони евра. Л.Д.


По 113 евра од човек за свадба на стадионот на Сити

За заработка од фудбалските стадиони постои и т.н. приватно изнајмување. Модерните стадиони располагаат со апартмани и со мини-салони, кои им ги продаваат на заинтересираните клиенти што ги користат за следење на натпреварите. Но клубовите имаат опција да ги изнајмуваат и во деновите кога нема натпревари. Во тие денови таму се одржуваат бизнис-состаноци, конференции и други слични манифестации, во импресивно опкружување. Клубовите, исто така, на најлојалните навивачи им дозволуваат таму да склопуваат бракови, а на некои дури им дозволуваат да се фотографираат на теренот. Ако, на пример, сакате да правите свадба на стадионот „Етихад“ во Манчестер, тогаш тоа ќе ве чини 113 евра по човек. Л.Д.


Секој може да игра на „Емирати“, ако плати 30.000 фунти

Фудбалските клубови во Англија дозволуваат настани како што се „Играње на теренот“. Во 2016 година таков двочасовен натпревар на стадионот „Кероу роуд“ на Норич чинеше 1.700 евра, плус други давачки. Тоа е во голем контраст со 30.000 фунти (33.830 евра) колку што чини да одиграте меч на стадионот на Арсенал, иако во понудата на „топџиите“ се вклучени дресови, храна и пијалаци, пред и по натпреварот, судии за мечот и други погодности. Л.Д.