СП почнува на полноќ, со маратонот за жени

72

Во Доха ќе ги нема Болт, Фара, Ван Ниекерк… Македонија на СП ќе има еден атлетичар, Јован Стојоски, кој ќе трча на 400 метри

Во Доха, Катар, на стадионот „Калифа“, од денеска ќе се одржува 17. Светско првенство (СП) во атлетика, на кое ќе настапат над 1.900 атлетичар(к)и од 209 земји, меѓу кои и еден од Македонија, Јован Стојоски, кој ќе трча на 400 метри (во вторник).

Атлетичарите од САД, кои на минатото СП 2017 во Лондон беа најуспешни со 30 медали, од кои 11 златни, се сметаат за фаворити да го повторат успехот и во Доха.

Тие на досегашните 16 СП освоиле вкупно 156 злата, речиси тројно повеќе од втората нација, Кенија, чии атлетичари се имаат закитено со 55 златни медали. Русија, која е трета на листата според бројот на златните медали (47), ќе нема атлетичари во Доха под националното знаме, поради суспензијата, но тие ќе можат да настапат како неутрални спортисти.

Во Доха ќе ги нема ниту легендарниот спринтер Усеин Болт од Јамајка, освојувачот на 11 злата на СП, ниту Британецот Мохамед Фара, шесткратниот светски првак во трките на пет и на 10 км, кои повеќе не се натпреваруваат. Поради повреда, СП ќе го пропушти и светскиот рекордер на 400 метри, Јужноафриканецот Вејд ван Ниекерк. Во нивно отсуство се очекува да блеснат американските спринтери Ноа Лајлс и Кристијан Колмен, Нафисату Тиам од Белгија, Шони Милер-Уибо од Бахамите, Холанѓанката Сифан Хасан и други.

Денеска на програмата се главно квалификациски натпревари, со само една финална трка, женскиот маратон, кој треба да започне во 23.59 часот по локално време (22.59 по средноевропско).