Лазар Поповски, кој првиот олимписки настап во кајак на диви води го имаше во Барселона 1992 година, потоа уште трипати во низа учествуваше на олимписки игри. Во Сиднеј имаше чест да го носи македонското знаме на церемонијалот на свеченото отворање.

Кариерата на еден од најдобрите македонски спортисти на сите времиња, Лазар Поповски, по првиот настап на Олимпијадата во Барселона 1992 година, постојано одеше во нагорна линија. За него беше голем предизвик да влезе во дуел со најголемите асови на кајакарскиот спорт и притоа да го даде својот максимум за што подобар резултат. – Никогаш не се штедев. Секогаш сакав да одам чекор понапред и затоа, без оглед за каков натпревар стануваше збор, влегував во него со голема желба и елан. За еден ваков однос кон спортот, сигурно значајна улога имаше и мојот татко Мичо, кој знаеше да ме мотивира и подготви за моите настапи. Неговото искуство како кајакар, а потоа како мој тренер, беше од големо значење за мене. Нашата девиза беше – она што се работи да се работи до крајот. Сериозноста со која влегувавме во она што го работевме, придонесе да бидам еден од двајцата македонски спортисти (заедно со Шабан Сејдиу н.з.), со дури четири учества на олимпијадите. Мал е бројот и на спортистите во светот, што може да се пофалат со еден ваков олимписки биланс – истакна Лазе.

СИОТ ТОВАР ВРЗ МОЈОТ ТАТКО!
По првиот настап на Олимпијадата во Барселона, Поповски е уште помотивиран и решен да остави печат во кајакарскиот спорт, не само во Македонија туку и пошироко. Затоа тој постојано е во кајакот, најчесто на реката Треска, каде што патеката веќе напамет ја имаше научено. Но она што најмногу придонесе за неговото квалитетно издигнување како кајакар, беа тренинзите и заедничките подготовки со најдобрите словенечки и хрватски кајакари.
– Со нив имав изградено одлични конекции уште кога се натпреварувавме во поранешната заедничка држава. Моите контакти и по распадот на СФР Југославија, продолжија, па, така, се случуваше често да бидам во нивните тренинг-кампови и да ме третираат како да сум нивни натпреварувач. Тоа беше од големо значење за мене, оти да бидам објективен, условите за тренинг и подготовки во Македонија беа далеку под потребното ниво за еден врвен спортист. Кај нас многу работи недостигаа, а најмногу логистиката. За неа говорев и во првиот напис, кога правев споредба за тоа колку стручни лица се вклучени во работата со еден кајакар кај нив, а колку кај нас. Конкретно јас го имав покрај мене само мојот татко, кој беше алфа и омега во сета работа, почнувајќи од организацијата на патувањата, обезбедувањето средства за учества на трките, па сѐ до тренинзите. Сиот товар паѓаше на него, за разлика од другите држави каде што спортот беше поставен на други многу поквалитетни темели, па во контекст на тоа беше изградена и една голема логистичка поддршка за врвните спортисти – објаснува Лазе.
Но и покрај тој проблем со логистиката и пошироката поддршка од општествената заедница Лазе Поповски, користејќи ги познанствата и пријателствата од минатото, успеваше да биде во тек со современиот тренажен процес. Така, пред следниот олимписки настап во периодот од 1994 до 1996 година, тој најчесто беше во Словенија, каде што со Скок и со Веховар ги тестираа кајаците. Токму тоа му овозможуваше да ја одржува формата и постојано да биде присутен на врвните кајакарски натпревари бранејќи ги боите на Македонија.

СЛЕДЕН ЧЕКОР – ОИ ВО АТАЛАНТА
По првиот олимписки настап и многубројните трки потоа на кои имаше високи пласмани и веќе не беше непознат во кајакарскиот свет, следна цел за Лазе Поповски беше Олимпијадата во Атланта 1996 година. За разлика од настапот во престолнината на Каталонија, каде што нашиот олимписки тим отпатува во една неизвесност, дури и со сомнеж дали воопшто ќе му биде дозволено да настапи на Игрите, на следниот олимписки собир во Атланта четири години подоцна, патот беше многу помирен и посигурен. Овде повеќе не постоеше дилемата, дали ќе може да се натпреваруваме со светските асови, зашто Македонија веќе беше признаена како самостојна и суверена држава. Таа беше рамноправна членка на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и ги уживаше сите права како другите држави.
– Самиот факт што веќе можевме да настапиме со нашите национални симболи, беше мотив повеќе и за нас спортистите. На Олимпијадата во Атланта ги немавме веќе проблемите со кои се судри нашето раководство во Барселона и сѐ беше поспокојно. Така и ние спортистите можевме во мир, без нервоза да се подготвувавме за своите настапи. Jас добро ја познавав олимписката патеката, бидејќи на неа настапив и една година порано, на предолимпискиот натпревар. Знаев дека е многу тешка, можеби една од најтешките во светот, но токму тоа како да ми даваше дополнителен мотив – се присетува Лазе.
Лазе Поповски во Атланта беше поуспешен од Барселона и се пласираше за пет места подобро – беше 29-ти. Меѓутоа интересен беше еден настан, кој му остана во сеќавањето, а се случи токму пред почетокот на натпреварите на патеката лоцирана во планинскиот дел на Џорџија. – Пред стартот беше објавена вест дека кон областа каде што требаше да се натпреваруваме се наближува торнадо. Од домаќините беа преземени сите безбедности мерки за одбрана од налетот на торнадото, а сите ние поисплашени очекувавме да го видиме тоа „чудо“ што требаше да се случи. Но од торнадото немаше ништо. Информацијата беше лажна или, пак, метеоролозите имаа лоша процена! – вели Лазе.

ЗНАМЕНОСЕЦ ВО СИДНЕЈ
Последните две години од минатиот век кајакарскиот спорт во Македонија почна да се доживува како во минатото, кога бевме организатори дури и на светските првенства во слалом и во спуст во 1975 година. Формирањето на Министерството за спорт беше од големо значење за развојот, не само за кајакот туку воопшто за целокупниот спорт во Македонија. Се отвораа нови перспективи, едноставно спортот стана дел од системот и тоа придонесе за подобрување на условите за работа.
– Сета таа новонастаната клима ја почувствувавме и ние спортистите. Едноставно имавме поголема сигурност, знаевме дека државата стои зад нас, а нам ни остануваше само да тренираме и да ги реализираме нашите поставени планови – вели Лазе.
А следен план или задача на Лазе Поповски беше да дојде до своето трето учество на олимписки игри.
– Многубројните трки ми овозможуваа да ја одржувам формата. Имавме настапи на сите реки во Европа, а мошне силен беше и традиционалниот ИКАС, кој практично беше на ниво на една балканијада. Во тој период, кога се подготвуваа списоцитe за настап на Олимпијадата во Сиднеј, Македонија беше рангирана на 13-то место во светот, што беше уште еден доказ за нашиот квалитет – додава Лазе.
Лазе Поповски, како и другите македонски спортисти, отпатува многу порано во Сиднеј. Тоа беше неопходно како заради аклиматизацијата, така и за запознавањето со патеката. И таа патека, како и онаа во Атланта, беше мошне опасна и полна со неизвесности.
– Во Сиднеј од голема полза ми беше заедничкиот тренинг со еден од најголемите асови во кајакот на диви води, светскиот и олимписки шампион Томас Шмит. Едноставно бев почестен што можев да бидам на патеката заедно со него. Сето тоа даде и резултат. По првата трка во официјалниот олимписки натпревар бев на 10-та позиција. Тоа беше неочекуван пласман дури и за мене самиот – раскажува Лазе.
Во втората трка се случи нешто што и самиот Лазе и ние што бевме таму не можеме да го прежалиме. Имено, еден од судиите на една натпреварувачка капија и покрај тоа што Поповски регуларно ја мина, му даде негативни поени исто како да ја допрел! Тоа значеше додавање секунди на неговото постигнато време и конечен пласман на 17-та позиција.
– Бев многу разочаран по трката, но против судиската одлука не можеше ништо да се стори. Големата шанса пропадна. Интересно е тоа што во истата трка Томас Шмит промаши цела врата, но тоа остана неказнето од судијата! Ете и тоа се случи во една значајна трка, во која се водеше борба за олимписки медал – вели Лазе.

СО ВАЈЛД-КАРТА ДО НАЈВИСОК ПЛАСМАН НА ОИ
Последниот олимписки настап за Лазар Поповски беше најуспешен. Иако на ОИ во Атина отпатува со вајлд-карта, благодарејќи на репутацијата што ја имаше во кајакарскиот свет од претходните години, тој го постигна највисокиот пласман, заврши на 16-то место.
– И овде патеката, која беше изградена на местото од стариот аеродром во Атина, иако вештачка, беше многу тешка за возење и полна со опасности. Едно мало невнимание или попуштање на концентрацијата можеше да биде фатално. Меѓутоа во квалификациската трка влегов без страв, сакајќи да ја оправдам довербата што ми беше овозможено да настапам со вајлд-карта. Морам да кажам дека тоа и го сторив со пласманот на високата 6-та позиција. Тоа беше големо изненадување за сите, па дури и за мене и за мојот татко Мичо. Но бевме свесни дека тоа е само еден дел од натпреварот. Она вистинското допрва доаѓаше, мораше да се оди на ваков пласман и во следната натпреварувачка сеанса – појаснува Лазе.
Интересно е дека Лазе Поповски по првиот настап во кој од технички аспект извози беспрекорно, беше поканет од организаторот на прес-конференцијата, на која ги изнесе своите импресии. Ваква чест му беше укажана веројатно и поради фактот што македонскиот кајакар во тој период беше меѓу петте најдобри техничари во светот. Тој на тешката атинска патека најубаво го демонстрираше тоа.
– Сета конференција беше пренесувана и на малите екрани, така што речиси половина час покрај моето име стоеше и името на мојата држава. Тоа чувство со зборови тешко можам да го опишам, тоа може само да се доживее. Беше прекрасно, а јас горд – задоволно вели Лазе.
Меѓутоа во следниот настап се случи нешто неочекувано. Имено, францускиот тренер, кој беше поставувач на патеката, веројатно по барање од своите репрезентативци, направи неколку корекции на патеката и ја смени поставеноста на 13-та натпреварувачка капија. Тоа за Лазе, а и за многу други натпреварувачи, беше решавачко за конечниот пласман. Едноставно, никој, освен француските кајакари, не очекуваше ваква драстична промена.
– Така, таа 13-та капија за мене навистина беше баксузна. Тука направив грешка, загубив драгоцено време во борбата со матицата и надежта за пласман во финалната трка пропадна – вели на крајот од своето навраќање на олимписките настапи Лазар Поповски.
Истата година Лазар со своите другари од репрезентацијата беше 6-ти во тимското возење 3хК-1 слалом на Европското сениорско првенство (ЕП), а беше и 10-ти во Светскиот куп (СК). Сите овие резултати, како и многуте други пласмани меѓу првите тројца на многубројните трки низ светот, му обезбедија на Лазар Поповски место меѓу легендите на македонскиот спорт. Лазе беше кајакар од висока класа и сите резултати што ги постигнуваше беа посакувани и очекувани.


Спортист на Македонија во 1999 година

Лазар Поповски со пласманот на 15-то место на СП во Шпанија во 1999 година, на олимписката патека „Ла Сеу Д’Ургел“, ја исполни олимписката норма и стана сигурен патник за OИ во Сиднеј. Овој успех придонесе таa иста година да биде прогласен и за најдобар спортист на Македонија.
Зад него во изборот за најдобар спортист во Македонија беа легендарната ракометарка Индира Кастратовиќ и боречкиот ас Могамед Ибрагимов, од кој вториов, пак, во Сиднеј го освои, засега единствениот олимписки медал за Македонија, по нејзиното осамостојување.