Следуваат возбудливи 365 предолимписки денови

80

Од утре почнува за Македонија спортски значајната година, предолимписка. Во неа, како што кажува и самиот предзнак, година пред Летните олимписки и Параолимписки игри (ЛОИ и ПОИ) во Токио 2020, ќе започнат обидите за исполнување на нормите за настап на најголемиот спортски настан на планетава. Македонија по Игрите во 2008 година немаше спортисти со исполнета А-норма за настап на ЛОИ (2012 и 2016), а медал нема од Сиднеј 2000 година (бронза на борачот Могамед Ибрагимов). Од ПОИ, пак, Македонија досега освои три медали, сите во стрелаштво, од тоа два златни (Бранимир Јовановски во 1992 година и Оливера Наковска Бикова во 2012-та и еден сребрен, на Ванчо Каранфилов во 2004 година).

Први шанса да зачекорат кон Токио ќе имаат ракометарите, од 10 јануари, со настапот на Светското првенство (СП), од каде што со висок пласман се обезбедува место на квалификациите за ЛОИ 2020. А потоа, во трка по норми ќе тргнат и многу други спортисти, олимпијци и параолимпијци. Во декември 2017-та, Македонскиот олимписки комитет (МОК) потпиша договори за стипендирање на 12 спортисти, потенцијални учесници на ЛОИ, кои во 2019 година ги очекуваат низа натпреварувања на кои ќе се обидат да обезбедат норма за настап во Токио, кој, велат, уште сега е подготвен за домаќинство.

Но предолимписката година ќе биде значајна и за некои други спортови и категории, неповрзани со Олимписките игри. Така, Македонија во 2019 година ќе има можност на свој терен да докаже дека спорт број еден е ракометот, откако во август ќе биде домаќин на Светското првенство (СП) за кадети. Во 2017 година јуниорите го освоија шестото место на Мундијалот во Алжир, што е најголем успех на една македонска машка ракометна репрезентација во која било возрасна категорија на СП, а сега една нова генерација ќе се обиде да стигне уште повисоко на планетарната табела.

Фудбалерите, сениорите, залетани со одличните резултати во Лигата на нациите (ЛН), од март до ноември, низ редовните квалификации, ќе се борат за пласман на ЕП 2020.

Кошаркарите во февруари ќе треба да го заокружат досега сработеното и со уште една победа да се вратат на чекор до местото каде што припаѓаа во почетокот на деценијава. Одбојкарите на почетокот од јануари, (петти и деветти) ги играат двата решавачки квалификациски натпревара, против Украина и Унгарија, за пласман, прв, историски, во завршницата на ЕП 2019, во септември. Ракометарите и ракометарките до јуни треба да ги заокружат квалификациите за ЕП 2020, односно за СП 2019, мажите со уште четири меча, во групата со Исланд, Турција и со Грција, а жените со бараж-двомеч со Словенија.

Од домаќинствата, покрај кадетското ракометно СП, Македонија ја очекуваат сениорското поединечно ЕП во шах во март во Скопје, традиционалниот ИКАС во април на Треска, стандардниот, атлетскиот маратон во главниот град на почетокот од мај, Охридскиот пливачки маратон во август, боксерскиот „Златeн гонг“ во ноември…
Предолимписките години се секогаш тешки, но и многу значајни, затоа што тоа се години во кои се работи напорно за да се круниса олимпискиот циклус, кој е почнат три или повеќе години претходно.