Скопје ќе промовира нови европски шампиони

108

Со првите 10 кола од предвидените 22 во брз шах, денеска и официјално во Скопје ќе почне 31-то Европско првенство во забрзан и во брз шах, на кое титулите нема да ги бранат актуелните шампиони Вавулин и Жигалко

Со првите 10 кола од предвидените 22 во брз шах (темпо на размислување од двапати по три минути, плус две секунди по секој потег), денеска и официјално во Скопје ќе почне 31-то Европското поединечно првенство (ЕП) во забрзан и во брз шах. За настап беа пријавени 420 шахисти од 37 држави.
Свеченото отворање беше закажано за синоќа, а утре ќе се одиграат уште преостанатите 12 кола во забрзан шах. За сабота и недела предвидено е ЕП во забрзан шах во 13 кола (двапати по 15 минути, плус 10 секунди), по што ќе бидат прогласени новите европски шампиони.

Со оглед на фактот што нема да настапат aктуелните европски прваци од ЕП 2017 во Полска, Максим Вавулин од Русија (забрзан шах) и Сергеј Жигалко од Белорусија (брз шах), во Скопје ќе бидат промовирани новите континентални шампиони. И во двете конкуренции прв е рангиран рускиот велемајстор (ВМ) Владислав Артемиев (2.812, односно 2.825 рејтинг-поени). Од Македонците, најдобро рангиран е ВМ Кирил Георгиев, кој во забрзан шах е деветти (2.656), односно 22-ри во брз шах (2.593).

Во забрзан шах се пријавени 420 шахисти (64 велемајстори, три женски велемајстори, 52 интернационални мајстори…) од 37 држави, а во брз шах се пријавени 338 шахисти (61 ВМ, три ЖВМ, 50 ИМ…) од 37 држави. На претходното ЕП настапиле 1.181 шахист од 41 држава, но од нив дури 790 биле Полјаци, а годинава од Македонија до вчера се пријавени 99. Во Полска настапија ИМ Марјан Митков, ФМ Зоран Стојчевски и Агим Шемшији. Во забрзан шах Митков беше 77-ми со осум поени, Стојчевски 170-ти (седум) и Шемшију 479-ти (шест). Во брз шах, пак, Стојчевски беше 99-ти (14,5), Митков 225-ти (13), а Шемшији 752-ри (9,5).