Синдаров стана втор најмлад шаховски велемајстор

230
Јавохир Синдаров

Узбекистанецот Синдаров со 12 години, 10 месеци и осум дена го надмина досега второпласираниот Прагнананда од Индија за само пет дена. На оваа листа и понатаму прв е Карјакин (стана велемајстор на 12 години и седум месеци)

Вторaта половина од годинава беше само како што може да посака шаховскотo чудо од дете, Узбекистанецот Јавохир Синдаров (12). Во јуни на турнирот во Воронеж (Русија), ја освои својата прва норма за велемјастор (ВМ), во септември на Светското првенство (СП) за јуниори во Турција, ја исполни и втората, патем зголемувајќи го рејтингот на 2.500 поени, а за помалку од еден месец потоа Синдаров ја освои и третата и последната норма за ВМ. Со тоа стана вториот најмлад ВМ во шаховската историја – на 12 години, 10 месеци и осум дена.

Се чинеше дека Синдаров е на добар пат да го урне досегашниот рекорд на Русинот Сергеј Карјакин (12 години и седум месеци), бидејќи стигна до 2.500 рејтинг-поени на октомвриската листа на ФИДЕ, само неколку дена по 12-от роденден, но, сепак, не успеа да го урне светскиот рекорд. Затоа, пак, за пет дена го надмина, досега второпласираниот, Индиецот Рамешбабу Прагнананда (велемајстор стана на 12 години, 10 месеци и 13 дена).

Синдаров ја исполни велемајсторската норма на неодамнешниот турнир во Будимпешта (Унгарија), освојувајќи го првото место со седум поени од девет можни иако турнирот го почна со пораз. Во последното коло му беше потребна победа против Виетнамецот Ханг Тран и тој успеа да ја оствари со прекрасна игра. Неговиот стил на игра е бескомпромисен, борбен, но добро осмислен, каде што често е присутна жртвата на фигури, како основен мотив да се победи противничкиот крал.

Како споредба, најмлад македонски велемајстор е Никола Митков, кој со највисоката шаховска титула се стекна на 22 години (во 1993 година).


Лична карта
Име и презиме: Јавохир Синдаров
Роден: 8.12.2005
Држава: Узбекистан
Рејтинг-поени (октомври): 2.500
Рангирање во светот (активни шахисти): 782
Рангирање во Узбекистан: осми