Серена Вилијамс е најплатена светска спортистка

58

Во периодот јуни 2017 – јуни 2018 година таа заработила најмногу пари од сите светски спортистки, 15,5 милиони евра, објави магазинот „Форбс“

Американската тенисерка Серена Вилијамс (36) лани (период од јуни 2017 до јуни 2018 година) заработила најмногу пари од сите светски спортистки, 15,5 милиони евра, трета година едноподруго, објави магазинот „Форбс“. Од таа сума само 53.400 евра биле од наградите на турнирите поради нејзината апстиненција и раѓањето на ќеркичката. Поголемиот „лавовски“ дел од парите бил од комерцијални, рекламни, спонзорски и други зделки. Од Серена, која има дузина моќни и богати спонзори како што се „Најк“, „Интел“, „Геторејд“ и други, лани само 16 спортисти заработиле повеќе пари од комерцијални зделки. Серена и нејзината постара сестра Венус се на двете водечки позиции според маркетиншката вредност во САД.

Зад нив се Даница Патрик (автотрки), Симоне Бајлс (гимнастика), Ронда Руси (ултимејт фајт), Деби Даглас (гимнастика), Линдзи Вон (скијање), Марија Шарапова (тенис), Алисон Феликс (атлетика) и Микаела Шифрин (скијање). На листата од 10 спортистки според заработката во 2017/2018, осум се тенисерки. Каролине Вознијацки од Данска е втора со 11,23 милиони евра, а Американката Слоун Стивенс е трета со 9,67 милиони евра.

Индијката П.В. Синдху, која игра бадмингтон е најплатената спортистка што не е тенисерка, на седмата позиција, со инкасирани 7,34 милиони евра. Најдобрата жена-возач, Американката Даница Патрик, е деветта со заработени 6,45 милиони евра. Десетте најплатени спортистки лани заработиле вкупно 90,5 милиони евра, што е помалку за четири отсто во споредба со 2016 година, односно за 23 отсто помалку од пред пет години.

Една од главните причини за таа стагнација финансиските стручњаци ја бараат во повлекувањето на тенисерките, Ли На од Кина и на Ана Ивановиќ од Србија и на суспензијата на Шарапова. Кај мажите, пензионираниот боксер Флојд Мејведер минатата година заработил неверојатни 236,53 милиони евра. Зад Мејведер се најдобрите светски фудбалери, Аргентинецот Лионел Меси од Барселона и Португалецот Кристијано Роналдо (лани во дресот на Реал). На контото на Меси легнале 92,12 милиони, а на Роналдо, 89,63 милиони евра.