Светски прваци и претенденти играат на Шаховската олимпијада

136
Maкедонските репрезентации во Батуми

Двете македонски репрезентации вчера во 1. коло играа со аутсајдери, мажите со Брунеи, а жените со Свазиленд

Четири поранешни светски прваци во машка и три во женска конкуренција, од кои и актуелната Венјун Ју од Кина, се дел од 43-та Шаховска олимпијада (ШО), која вчера почна во Батуми, Грузија, што секако говори за квалитетот на натпреварувањето. Кај мажите го нема актуелниот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, но таму се Русинот Владимир Крамник, Индиецот Вишванатан Ананд, Украинецот Руслан Пономарјов и Узбекистанецот Рустам Касимџанов. Кај дамите, пак, покрај Ју, ќе играат и Русинката Александра Костењук и Украинките Ана Ушенина и Марија Музичук.

Во Батуми, љубителите на шахот ќе го видат и актуелниот претендент за светската круна, Американецот Фабијано Каруана (рангиран прв пред ШО), кого во ноември го очекува меч за светската круна против Карлсен. Во Батуми се и петмина поранешни претенденти за шаховскиот трон, Израелецот Борис Гелфанд, Украинецот Василиј Иванчук, Унгарецот Петер Леко, Англичанецот Мајкл Адамс и Русинот Сергеј Карјакин. Кај шахистите фигурираат и Русинката Наталија Погонина и Индијката Химпи Конеру.
Во првото коло машката селекција на Македонија (рангирани 43-ти меѓу 185 селекции) играше против аутсајдерот Брунеи (рангиран 133-ти). И женската репрезентација (58-ма меѓу 151-селекција) за противник доби аутсајдер, Свазиленд (133-та). ШО се игра во 11 кола.

– Се радувам што повторно играм за Македонија на ШО. Посакувам да остварам квалитетни игри и резултати и со тоа максимално да помогнам да се пласираме меѓу првите 30 – ни изјави повратникот во репрезентацијата, бугарскиот ВМ со македонски пасош Кирил Георгиев.