Светските проблемисти ќе се нaтпреваруваат крај Охридско Езеро

164
Иван Денковски

Охрид од денес па во следните осум дена ќе биде домаќин на голем шаховски настан. Имено, во оргaнизaција на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) и ШК Гамбит Асеко СЕЕ, во хотелот „Метропол“, ќе се одржи 61-от Светски конгрес за шаховска композиција (ВЦЦЦ), што претставува најголем годишен светски собир на шаховските проблемисти под покровителство на Светската федерација за шаховска композиција (ВФЦЦ). Програмата на Конгресот вклучува заседание на федерацијата, Светско првенство во решавање (СП) и разни придружни проблемски манифестации.

– На конгресот најавено е доаѓање на околу 190 гости од 35 држави. За федерацијата, годинава е изборна, но не знам дали Гркот Хари Фујаксис, кој добро ја водеше федерацијата минатите осум години, повторно ќе се кандидира за нов претседателски мандат – вели претседателот на Комисијата за проблемски шах при ШФМ, истакнатиот македонски композитор, решавач и судија на проблемскиот шах, Иван Денковски, СП во решавање проблеми, 42-ро по ред на програмата е во вторник и в среда.

– Ќе биде чудо доколку Полска не ја продолжи низата на екипни победи. Очекувам борбата за другите медали да се води помеѓу Велика Британија, Србија, Германија, Русија и Израел. Поединечната конкуренција ќе биде жестока, оти во Охрид ќе бидат присутни дури 12 од вкупно 16 поранешни поединечни светски прваци во решавање на проблеми. Тоа се: Пјотр Мурѓа и Каспер Пјорун (Полска), Георги Евсеев и Андреј Селиванов (Русија), Џон Нан и Џонатан Местел (Велика Британија), Офер Комај (Израел), Михаел Пфанкухе и Арно Цуде (Германија), Јорма Павилаинен (Финска), Мишел Кајо (Франција) и Роланд Бајер (Швајцарија).

Во Охрид ќе бидат присутни дури 12 поранешни светски прваци. Лично, пак, очекувам да ја продолжам низата квалитетни судења на најважните натпревари во решавање, континуирана активност, која пред шест години заедно ја почнавме со мојот, сега веќе, покоен татко, Глигор, исто така истакнат македонски шаховски композитор и решавач – нагласува Денковски. Отворениот турнир во решавање е в понеделник, а ќе има уште две атрактивни натпреварувања во решавање, популарниот отворен турнир во брзо решавање (вторник) и решавачкото шоу (четврток). В среда првпат во Македонија ќе се одржи и меѓународен отворен турнир во атомски шах.

Со организацијата на конгресот и СП, всушност очекувам Македонија да ја продолжи низата успешни организации на шаховски манифестации од највисок ранг. За младите македонски шахисти, пак, кои ги прават своите први чекори во оваа исклучително интересна област, ова е непроценлива можност да ги покажат своите квалитети на најголемата светска сцена, па верувам дека Ивана Манова, Андреј Велјаноски и Емил Ристески оваа шанса добро ќе ја искористат. Од поискусните репрезентативци, предводени од Зоран Стојчевски, да ја продолжат серијата успешни настапи годинава во решавање – вели Денковски.