Светскиот ден на џудото одбележан и во Македонија

110

„Засади дрво“ е мотото под кое македонските џудисти и џудистите во светот започнаа со одбележување на Светскиот ден на џудото и роденденот на неговиот основач, Џигоро Кано, 28 октомври. Со оваа еколошка порака вљубениците во оваа древна вештина покажаа дека џудото е многу повеќе од спорт.

По повод глобалната прослава на Светскиот ден на џудото, Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), во околината на манастирот во селото Селце, Прилеп, вчера организира акција за засадување дрвца во која се вклучија челниците на ЏФМ, спортски работници и џудистите од клубовите Сеишин, Пролетер, Прилеп, Санкаку и Бишидо.

Абу Даби, пак, беше местото каде што се состанаа челниците на Светската џудо-федерација, на Европската џудо-федерација, Боречката и Џудо-федерацијата на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Џудо-федерацијата на Азија и советот за спорт од Абу Даби. Тие го засадија дрвото гаф, кое е заштитен знак на амблемите и грбот на гранслем-турнирот во Абу Даби, кое ја симболизира годината на толеранција на ОАЕ.

– Ова е импресивен момент и совршен пример за единство, солидарност и пријателство. Се надеваме дека ова ќе биде инспирација за следните генерации – рече претседателот на Светската џудо-федерација, Мариус Л. Визер.