Промовирана книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ на Зоран Михајлов

165
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во присуство на голем број спортски работници и гости, вчера во салата за конференции во СЦ „Борис Трајковски“, Скопје, беше промовирана книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ на доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов. Книгата, која е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“, содржи помалку познати приказни за успесите на македонските спортисти низ историјата и за средбите со светските спортски асови.

– Книга што треба задолжително да се прочита и да се стави во своите домашни витрини, бидејќи преку мноштвото интервјуа, случки и сеќавања, таа едноставно претставува сведок за македонската спортска историја. Богатото спортско творештво презентирано низ изминативе 55 години, а започнато во далечната 1964 година кога Михајлов се вработува во весникот „Нова Македонија“, продолжува со известување од вкупно 15 олимпијади и осумдесетина европски и светски првенства како и реализирани над 1.000 преноси, што доволно говори за неговиот богат спортски новинарски опус. Книга полна со квалитетно стокмени интервјуа и сеќавања, која едноставно плени кај читателот – рече меѓу другото уредникот на спортската редакција на весникот „Нова Македонија“, Горан Манчевски, кој беше и промотор на книгата.

Настанот беше збогатен и со проекција на краток документарен филм посветен на неговата долгогодишната кариера, во кој пригодни сеќавања за неговото спортско творештво дадоа познатите спортски новинари Атанас Костовски, Миодраг Мицковиќ, Мирослав Наумовски-Лав, Бошко Трпевски и претседателот на МОК Васил Тупурковски. Посебно пофални зборови упати и македонската спортска легенда, борачот Шабан Трстена.

Михајлов, пак, заблагодарувајќи им се на сите оние што помогнаа да се појави оваа негова книга, уште еднаш во кратки црти потсети на некои спортски доживувања низ светот, кои останале трајно во неговите спомени од новинарскиот живот.