Продолжува шаховската доминација на Алкалоид

194
Дел од членовите на Алкалоид (од лево): Панчевски, Димовски, Недев и Јаќимовиќ

Задоволен сум, иако ова не беше најсветло издание на нашиот клуб, бидејќи тешко е да се најдат мотиви по седум последователни првенствени титули, вели капитенот на Алкалоид, ВМ Јаќимовиќ

Шахистите на европскиот првак од 2015-та и европски вицепрвак од 2016 година, скопски Алкалоид (ВМ Јаковенко, ВМ Криворучко, ВМ Андрејкин, ВМ Ељанов, ВМ Недев, ИМ Панчевски, ВМ Станојоски, ИМ Стојановски, ВМ Јаќимовиќ, ВМ Богдановски) ја одбранија титулата на 27. Екипно првенство на Македонија, кое се одржа во Струга. Во конкуренција на осум екипи, по седум одиграни кола (на по шест табли), фармацевтите (со двајца врвни руски и двајца украински велемајстори, кои одиграа по две партии), кои важеа за апсолутни фаворити и пред почетокот, забележаа шест победи и едно реми, или 34 поединечни поени од можни 42, што беше доволно за нова шампионска круна. Единствениот што им одзеде бод беше скопски Гамбит Асеко СЕЕ, кој заврши на 2-то место со 11 бода, а трет е Гостивар со девет бода, колку што имаше и Прилеп, но со пет поени повеќе на поединечните табли.

Задоволен сум од настапот на Алкалоид, бидејќи е освоено првото место, а со тоа е постигната и нашата цел. Ова не беше најсветло издание на нашиот клуб, бидејќи тешко е да се најдат мотиви по седум последователни првенствени титули. Сите мечеви сепак ги добивме убедливо, освен со Гамбит Асеко СЕЕ, кој одигра историски клупски меч со реален резултат, но доволно за нас да го задржиме лидерското место. Сите наши шахисти можеа да одиграат подобро во Струга, но сметам дека не одигравме премногу лошо за нашето реноме. Оттука може да се заклучи дека и со релативно скромен индивидуален резултат, екипата добро функционира во Македонија. На Европскиот клупски куп (ЕКК) годинава ќе се бориме за медал со истиот тим и се надевам повторно ќе ги оправдаме очекувањата на македонската спортска јавност – дециден е капитенот на Алкалоид, ВМ Дргољуб Јаќимовиќ.


Првенството низ бројки

На шампионатот со просечен рејтинг од 2.121 поен, најмногу екипни победи (6) оствари Алкалоид, а ниту една битолски 4 Ноември. Најмногу поединечни поени 5,5/7 впиша ИМ од Словенија Гал Дрновшек (Гостивар), кој наедно имаше и најдобар скор на втората табла. Најдобар на челната табла со 4,5/7 поени и шахист со најмногу ремија (5) беше ВМ од Србија, Мирослав Миљковиќ (Прилеп). Единствен што забележа пет победи од исто толку настапи беше ФМ Љубиша Андоновски (Гамбит Асеко СЕЕ), додека сите седум партии ги загуби Јосиф Стојчевски (4 Ноември). Најмногу рејтинг-поени инкасираа младите надежи на МШК Центар од Скопје, Ивана Манова (104,8) и Ристе Јовчев (93,6). Најмногу, пак, рејтинг-поени загуби ФМ Димитар Качаковски (41,4), кој беше поразен во сите пет партии.