Продолжува потрагата по Сала, следува извлекувањето на авионот од морето

152

Малиот авион во кој беа Емилијано Сала, несудениот фудбалер на Кардиф, и пилотот, пред две недели се урна во водите на Ла Манш, на патот од Нант за Кардиф. Авионот е пронајден на над 60 метри длабочина и сега следува извлекувањето со брод од Министерството за одбрана, кој е опремен за работа во Северно Море, како и со други бродови, пишува Би-би-си

Аргентинецот Емилијано Сала, несуденото засилување за фудбалскиот премиерлигаш Кардиф, деновиве е во фокусот на европските медиуми поради уривањето на приватниот авион што го превезуваше од Нант за Кардиф. Малиот едномоторен авион (модел „пајпер малибу“) исчезна во водите на каналот Ла Манш на 21 јануари, а пред неколку дена во морето, на длабочина од над 60 метри беа пронајдени остатоци од авионот и во него едно, уште неидентификувано тело.

Според последните информации од британската експертска комисија за авионски несреќи, мали се шансите Сала или пилотот (Дејвид Ајботсон) да ја преживеале незгодата. Семејството на Сала очекува остатоците од авионот наскоро да бидат извадени од морето и да се утврди за чие тело станува збор.

– Операцијата за вадење на авионот ќе треба да се одвива во дел од каналот во кој плимата се менува – цитира експерти Би-би-си.

Тоа ќе биде спроведено од брод од Министерството за одбрана, кој е опремен за работа во Северно Море, како и од други бродови, со што авионот ќе може да биде изваден „во рок од неколку дена“, пишува Би-би-си.

Сала (28), кој имаше потпишано договор со Кардиф за рекордни 15 милиони фунти за клубот, патуваше за Кардиф од Нант каде што беше на проштална средба со соиграчите од францускиот прволигаш.

Официјалната потрага по исчезнатиот авион траеше само три дена, до 24 јануари, поради, како што соопштија британските власти, „малите или речиси никакви шанси некој да преживее таква незгода“. Очајното семејство на Сала, кое набргу допатува во Англија, апелираше до властите да ја продолжат потрагата, а сличен апел до британските и до француските власти испрати и аргентинскиот претседател, Маурицио Макри.

По запирањето на официјалната истрага следуваше кампањата за донирање пари за приватна потрага на која ѝ се приклучија многумина (околу 5.000 лица), меѓу кои предничеа колегите, познати фудбалери како Килијан Мбапе од ПСЖ (донираше 30.000 евра), клупскиот колега од ПСЖ, Адриен Рабио, Дмитри Паје од Марсеј, Демираи Греј од Лестер и други, кои собраа над 400.000 евра.

Во напорите и апелите за продолжување на потрагата по авионот и по Сала, се приклучија и неговите сонародници, Лионел Меси од Барселона и Серхио Агуеро од Манчестер сити. „Додека постои и најмала шанса, молам да не запре потрагата. Моја поддршка до неговите најблиски и до пријателите“, напиша Меси на Инстаграм.

Клубовите и фудбалерите на Кардиф и на Нант многу тешко ја примија веста за исчезнувањето на авионот во кој се наоѓаше Сала. Менаџерот на Кардиф, Нил Ворнок, за британските медиуми изјави дека тој и неговите играчи се во голем шок, оти некои не сакаат повеќе да патуваат со авион и оти им била потребна стручна помош од психолози. Тренерот на Нант, пак, Вахид Халилхоџиќ, не можеше да ги задржи солзите кога првенствениот меч против Сент Етјен кратко беше прекинат во деветтата минута, според бројот на дресот што го носеше Сала.

Слична несреќа се случи пред само три месеци, на 28 октомври 2018-та, кога сопственикот на премиерлигашот Лестер, тајландскиот милијардер Вишаи Шривадранапраба и уште четири други лица загинаа во хеликоптерската несреќа непосредно по полетувањето од теренот на клупскиот стадион „Кинг пауер“ во централна Англија. 


Почетоци во Кордоба и во Бордо, афирмација во Нант

Емилијано Сала Тафарел, роден на 31 октомври 1990 година во едно мало место, Кулулу во провинцијата Санта Фе, покрај аргентинското поседува и италијанско државјанство. Сала почнал да игра фудбал во локалниот Сан Мартин Прогресо каде што останува до 15-та година. Оттаму заминува во Сан Франциско од Кордоба каде што го забележале локалните фудбалски скаути, трагачи по млади таленти, директно поврзани со шпанската Мајорка и со францускиот Бордо.
Во 2010-та тој станува играч на Бордо од каде што по неколкуте заеми, во Орелан, Каен и во други клубови, во 2015-та заминува во Нант и потпишува петгодишен договор за еден милион евра. Во следните неколку сезони Сала беше еден од најефикасните во редовите на Нант постигнувајќи 42 гола на над 100-те мечеви (есенва на 19 натпревари постигна 12 гола) што беше и една од причините за трансферот во Кардиф, кој се бори за опстанок во Премиер-лигата и му беше потребно засилување во нападот. Л.Д.