По кошарката и фудбалот доби „кинески државен непријател“ преку Твитер

353
Месут Озил го навлече кинескиот гнев со коментарите на Твитер

Фудбалерот на Арсенал Месут Озил се најде во слична ситуација како и Дерил Мори, генералниот менаџер на кошаркарскиот НБА-клуб Хјустон рокетс, навлекувајќи го кинескиот гнев со неговите коментари на Твитер за третманот на муслиманите во најмногубројната светска држава, Ујгурите.

– Се палат курани, се затвораат џамии, исламските теолошки училишта се забранувани, верските учители се убивани, еден по еден. И покрај сето ова, муслиманите остануваат тивки – напиша Озил во твит, во кој пишуваше за, според него, наводното угнетување на Ујгурите во Кина.

Кинезите бргу реагираа на коментарите на германскиот фудбалер со турско потекло. Преносот од вчерашното дерби помеѓу Арсенал и Манчестер сити беше тргнат од кинеската национална телевизија. Еден од коментарите во кинеските државни медиуми гласеше „Озил ти си полош од Мори!“. Арсенал кој има бизнис-интереси во азиската држава, се огради од ставовите на Озил, но не презема никакви санкции кон својот фудбалер. Навивачите на Арсенал од Кина, пак, јавно ги палеа дресовите од нивниот довчерашен миленик. Офанзивниот фудбалер за врска кој во Кина е познат како „272“, бидејќи изговорот на неговото име на кинески звучи како овој број, има повеќе од четири милиони обожаватели на кинеската социјална мрежа „Веибо“.

Твит на генералниот менаџер на Хјустон рокетс, Дерил Мори, во кој се изразува поддршка за протестите во Хонгконг предизвика големо незадоволство во Кина во октомври, оставајќи ги кошаркарскиот клуб и НБА-лигата да се справуваат со предизвиканата штета. Мори објави слика на Твитер, кој е блокиран во Кина, со зборовите „борете се за слобода, застанете покрај Хонгконг“, што всушност претставува еден од слоганите на демонстрантите во текот на четиримесечните протести. Мори бргу го избриша твитот и напиша дека немал намера да предизвика навреда, но тоа не го сопре гневот во Кина, со што комерцијалните партнери веќе ги прекинуваат врските со клубот.

Реакцијата на Кина по коментарите на Озил уште еднаш покажува како светската сила ја користи својата економска моќ за да ги замолкне странските критичари. Шведскиот државјанин со кинеско потекло Гуј Минхај, кој беше безмалку две години во затвор во Кина, поради критиките кон Пекинг, доби награда во Шведска во ноември. Кина веднаш реагираше кон шведската амбасада, предупредувајќи ги „на последиците од нивните постапки“. Кинескиот амбасадор во Германија, Ву Кен, неодамна предупреди дека германската автомобилска индустрија би можела да трпи последици, доколку кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеи“ добие забрана за поставување на 5Г мрежата во европската држава. Извесно е дека Арсенал, слично како и „ракетите“, ќе претрпи одредени финансиски последици поради кинескиот гнев.

Познавачите на состојбите наведуваат оти Кинезите се загрижени поради коментарите на Озил поради неговата блискост со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Турција во минатото ги бранеше Ујгурите, но Ердоган не ги спомнува во последно време, додека се обидува да ги подобри врските со Пекинг. М.Ж.