Почна продажбата на влезниците за ОИ во Токио

38

Продажбата на првиот пакет влезници за Олимписките игри (ОИ) 2020 во Токио веќе започна, а за јапонските државјани е организирана и државна лотарија за нивно купување. Нивните цени се движат од оние поевтините, од 2.500 јени (20 евра), до најскапите, кои чинат 300.000 јени (2.445 евра), и се наменети за најдобрите места на церемонијата на свеченото отворање.

На располагање се влезници за вкупно 33 олимписки спорта, а најмногу пари ќе мора да издвојат оние што ќе сакаат да го гледаат атлетското финале за мажи на 100 метри, чија цена изнесува 130.000 јени (1.060 евра). Иако повеќето влезници чинат по 8.000 јени (65 евра), постојат и одреден број влезници наменети за семејства со деца, постари луѓе, како и оние со посебни потреби. Цената на тие влезници е 2.020 јени (16,5 евра).

– Цената на влезниците за домашните гледачи е слична на оние во Лондон 2012, но малку повисока отколку во Рио де Жанеиро во 2016 година – вели директорот на олимпискиот маркетинг Јуко Хајакава.

Лотаријата, на која, пак, можат да учествуваат само Јапонците, ќе трае до 28 јуни, а сите што ќе бидат добитници ќе бидат известени до 20 јули, додека влезниците ќе мора да се платат за 14 дена. Веб-страницата за нивната продажба била многу оптоварена кога била отворена, иако влезниците не се доделуваат по принципот кој прв ќе се јави, туку сите заинтересирани ќе имаат еднакво право да купат. Оние што не се од Јапонија ќе можат да ги купат првите влезници од 15 јуни кај овластените продавачи во своите држави.

Oрганизаторите уште не го објавиле точниот број на влезници, меѓутоа се проценува дека организаторот ќе има на располагање 7-8 милиони влезници. Од нив, 70-80 отсто ќе му бидат на располагање на домаќинот, додека остатокот ќе биде наменет за други држави. Олимписките игри во Токио ќе се одржат од 24 јули до 9 август 2020 година.