Посакуван пласман на шахистите на ЕП е до 20-то место

115

Пред ЕП мажите се рангирани на 29-то место од 40 селекции (просечен рејтинг 2.498 поени), а жените на 28-то (2.025) во конкуренција на 32 држави

Машката и женската шаховска репрезентација на Македонија ќе настапат на 22-то Европско првенство (ЕП) во Грузија (од четврток со 2 ноември). Пред ЕП мажите се рангирани на 29-то место од 40 селекции (просечен рејтинг 2.498 поени), а жените на 28-то (2.025) во конкуренција на 32 држави. Ќе се игра на по четири табли, во девет кола, а титулите ги бранат Азербејџан (мажи) и Русија (жени).
Шахистите досега настапиле на 10 ЕП, а најдобриот пласман им е во Пловдив (2003 година), кога биле 14-ти од 36 селекции. Шахистките, пак, биле дел на шест ЕП, а најдобар пласман е 19-то место од 30 држави, исто така, во Пловдив. На минатото ЕП во Крит (2017 година), мажите беа на 28-то место од 40 репрезентации, а дамите на 23-то од 32 селекции.

– Првенството ќе биде многу тешко. Се надевам дека ќе успееме да се пласираме во првите 20, што би претставувало успех – смета ВМ Кирил Георгиев, кој ќе игра на првата табла.

Македонскиот шах може да се пофали со три освоени медали на ЕП, и сите во Пловдив во 2003 година. Кај шахистите тоа им успеа на ВМ Трајко Недев, кој освои сребро на четвртата табла, и на Георгиев, кој се закити со бронза играјќи на првата табла. Кај шахистките, пак, тоа ѝ успеа само на ЖФМ Весна Секуловска, која стана сребрена настапувајќи на втората табла.

За Македонија на ЕП за мажи ќе играат ВМ Кирил Георгиев (рејтинг 2.581), ВМ Трајко Недев (2.500), ИМ Филип Панчевски (2.490), ИМ Никола Николовски (2.422) и ФМ Тони Лазов. На ЕП за жени ќе настапат ЖФМ Моника Стојковска (2.108), Бојана Бејатовиќ (2.004), ЖИМ Габриела Коскоска, Катерина Петровска (1.950) и Ивана Манова (1.795).