Планица – место што го запира здивот

1012
Фото: planica.si

Горан Манчевски
наш известувач од Планица

Лулката на скијачките летови, леталницата во долината на рекордите, дело на браќата Владо и Јанез Горишек, викендов беше претесна да ги прими сите заинтересирани што сакаа во живо да ги видат овие бестрашни спортисти, да ја почувствуваат возбудата на местото каде што луѓето можат да летаат како птици. Летачите беа на висина на задачата, со многу скокови над 240 метри и еден за рекорд на леталницата, 252-та метра на најдобриот сезонава, Јапонецот Рјоју Кобајаши

Најхрабрите спортисти на планетава викендов на Планица во Словенија одново се претворија во луѓе-птици. Лулката на скијачките летови, леталницата во долината на рекордите, дело на браќата Владо и Јанез Горишек, беше претесна да ги прими сите заинтересирани што сакаа во живо да ги видат овие бестрашни спортисти, да ја почувствуваат возбудата на местото каде што луѓето можат да летаат токму како птици. Тука човек на две штици прелетува должина од две и пол фудбалски игралишта. И на сите им е јасно дека во овој спорт и на ова уникатно место човекот нема граници.

Повеќе од 50.000 луѓе трите дена беа сведоци на нови незаборавни спортски моменти и доживувања. На трибините и далеку околу нив на широкиот простор на оваа прекрасна природна алпска убавина, атмосферата што се создава ги слави човечките големини и достигнувања, заедништвото, националниот дух, пријателството и меѓусебната почит. Многуте развеани знамиња даваат посебна глазура на настанот, на кој сите навиваат за своите, но неизоставно им се поклонуваат на победниците и воопшто на сите овие неверојатно одважни луѓе. Публиката е многу важен дел од целиот настан, сплотена, постојано ги мотивира овие фасцинантни луѓе и со својата енергија како да го одржува во воздух што подолго секој летач.

Проследувањето на настанот од самото место доловува една нова димензија на овој спектакуларен натпревар од светски калибар. Застанува здивот кога ќе ги погледнете овие специфични спортисти како полетуваат од височина на која над леталницата кружат птици со широко раширени крилја, токму како скијачите-летачи, кои потоа се спуштаат кон долината и слетуваат меѓу обичните луѓе. Тоа е, секако, за восхит и за почит.

По трите дена натпревари се потврдија годинашните резултати. Така, победникот на Светскиот куп, Рјоју Кобајаши, прво постави нов рекорд на Планица со летот од 252 метри со што го забележа вториот најдолг скок во историјата на скијачките летови. Но тој вкупно покажа постојаност и квалитет што му го донесоа трофејот, кој првпат замина за Јапонија. Згора, победи и на посебното натпреварување „Планица 7“, за кое се пресметуваат сите скокови остварени викендот, како и вкупно само во скијачки летови.

Многубројната публика поздрави и уште еден далечен лет на Кобајаши во квалификациите од 248 метри, колку што скокна и Пјотр Жила, потоа на победникот првиот ден Маркус Ајзенбихлер од 246 метри на тимскиот настап и 248 метри во првиот ден, како и на Словенците Анже Семенич 241, Домен Превц и Тими Зајц од 239 метри итн. Рекордот на Планица до вчера го држеше Полјакот Камил Стох со лет од 251,5 метар во март 2017 година, а светскиот рекорд уште го држи Австриецот Стефан Крафт, со 253,5 метри, на норвешката леталница Викерсунд.
Скијачките скокови и летови се национален спорт во Словенија, но национална традиција се и архитектонските „чуда“ во овој спорт.

Првата леталница беше дело на Иван Рожман и на Станко Блоудек, а актуелната на браќата Горишек. Сите тие во минатите осумдесетина години придонесоа скијачките летови да станат светски настан, кој истовремено предизвикува воздишки и го запира здивот.

Словенците се особено горди на Планица, на скијачките летови, на нивните ескадрили, на скокачката традиција, која ја негуваат. Планица не е само леталница, таа е цел комплекс, нордиски центар, во кој со својата грандиозност доминира леталницата, но ништо помалку импресивни не се помалите десетина скокалници, за тренинзи за сите категории. А нови млади скокачи-летачи доаѓаат како на лента, па, на пример, во составот на Словенија има многу тинејџери, од кои едниот, 18-годишниот Тими Зајц е предводник според резултатите и сезонава и викендов на Планица, а Домен Превц оствари одличен резултат во неделата и во финишот од сезоната.

Финалето на сезоната на Светскиот куп вообичаено се одржува на леталницата на северозападот на Словенија, на тромеѓата со Италија и со Австрија. Тоа е најголемиот словенечки спортски празник, во спортот што тие не го измислија, но го втемелија летањето со скии. Зачетници на скијачките скокови се Норвежаните. Во Словенија историјата на овој атрактивен спорт официјално почна со првиот шампионат во Бохињ во 1921 година, а пред 1930 година Планица го доби првиот скок.

Планица, со исклучителна традиција и богата историја, викендов прослави половина век скијачки летови и 85 години од првиот меѓународен натпревар. Со децении, идиличната долина ги привлекува најголемите херои на летањето со скии. Првите „лансирања“ се изведени уште во 20-тите години на минатиот век, а Планица од 30-тите години е дом на најзначајните светски рекорди. Таму се изведени првите скокови над 100 и над 200 метри, но и скокови, подоцна и летови подолги од 90, 110, 120, 160, 190, 210, 220, 230 и 250 метри. Вкупно 41 пат на славната леталница е поставуван светски рекорд, најмногу од сите други вакви центри. Само овие податоци го потврдуваат статусот на Планица како на епицентар на светското летање со скии.

– Ако ги поместуваш границите можеш да станеш легенда – вели кратко Јанез Горишек.
Во повеќето атлетски и пливачки дисциплини човечките граници полека се достигнуваат, но во скијачкото летање уште има голем простор за напредок. А Јанез Горишек има токму таква желба – човекот на скии да прелета и 300 метри. Еден ден.


Нов рекорд – гледачи од 33 земји

Скијачкиот спектакл на Планица привлекува огромен број посетители многу години, не само од Словенија, туку и од целиот свет. Бројот на земјите заинтересирани за Планица расте. Годинава биле продадени билети во две земји повеќе од лани, односно во 33 земји. На Планица имаше љубители на скијачките летови од Македонија, САД, Турција, Шпанија, Португалија, Романија, Луксембург, Република Ирска, Белорусија, Белгија… а годинава првпат и од Тајланд.


За 85 години од 60 до 252 метра

На 4 февруари 1934 новата скокалница на Планица во „долината на рекордите“ беше тестирана со националниот шампионат на тогашна Југославија. Франц Палме постави државен рекорд со скокот од 60 метри. Еден месец подоцна Норвежанецот Биргер Руд постави нов светски рекорд од 92 метра. Ова беше главната пресвртница во историјата на ски-скоковите, а Планица почна со златни букви да се запишува во историјата на тој спорт. Една година подоцна Реидар Андерсен го помести рекордот на 99 метри. На 15 март 1936 година, едвај 18-годишниот австриски ски-скокач Јозеф Брадл стана првиот човек што летал повеќе од 100 метри, кога на Планица тој слета на 101,5 метар. По Втората светска војна, архитектот Станко Блоудек и неговите колеги темелно ја обновија скокалницата, но во 1950 година таа веќе беше стара и почна да се распаѓа. Блоудек веднаш го презеде реновирањето, кое траеше две години. Во тоа време Оберсдорф и Кулм ги презедоа рекордите, а Планица чекаше нов рекорд 21 година. На 24 февруари 1961 година Јоже Шлибар станува првиот Словенец што поставува светски рекорд – скокна 141 метар.
Во тоа време сѐ повеќе се размислувало за нова скокалница-леталница, која ќе ѝ ја врати поранешната слава на Планица. Браќата Горишек го зедоа наследството на Блоудек. Тие имаа многу знаење и за тоа време зашеметувачки идеи. Локацијата беше избрана, а леталницата беше дизајнирана за големи дострели. Така, од 21 до 23 март 1969 година околу 90.000 гледачи видоа незаборавен настан. Светскиот рекорд беше подобруван пет пати. Норвежанецот Бјорн Виркола скокна 156 и 160 метри, Јиржи Рашка од ЧССР 156 и 164 метри, а германскиот ски-летач Манфред Волф 165 метри. Тие ја вратија Планица на патот на старата слава. Леталницата продолжи да се модификува, а врвот го достигна во 1994 година, кога финското чудо од дете, Тони Ниеминен, прв прелета 200 метри, доскокнувајќи на 203-от метар. Следниот ден Норвежанецот Еспен Бредесен леташе шест метри подалеку.
На Планица потоа, до 2005 година, беа поставени уште 14 светски рекорди во низа, од 210 до 239 метри. Светскиот рекорд во 2011 година се пресели во Норвешка, на скокалницата во Викерсунд, но и таму печатот е словенечки. Јанез Горишек и неговиот син Себастијан се автори на гордоста на Викерсунд. Таму Словенецот Петер Превц прв прелета 250 метри, но потоа Норвежаните Андреас Фанамел и Роберт Јохансон летнаа 251,5, односно 252 метри. Актуелниот светски рекорд од 18 март 2017 година е во сопственост на Австриецот Стефан Крафт, со летот од 253,5 метри.
Во 2013 година леталницата одново беше реновирана, по што обновениот гигант сега нуди летови и над 250 метри, што се потврди и во неделата, со летот на Рјоју Кобајаши од 252 метра, што е втор најдолг лет со скии во историјата.

[email protected]