Петнеделни подготовки на Маврово за темпирање на формата за ЕП

142
Никола Ѓорѓиев

Акцентот е ставен на подобрување на физичката подготовка, а како што ќе минуваат деновите сѐ повеќе внимание ќе им посветуваме и на работата со топка, на уигрувањето и на тактичко-техничките финеси. Имаме одлични услови во Маврово и се надевам дека оваа клучна фаза од подготовките ќе ја одработиме максимално ангажирано, вели селекторот Матијашевиќ

Најдобрите македонски одбојкари вчера во Маврово го почнаа вториот дел од подготовките за дебитантскиот настап на Европското првенство (ЕП), годинава, во групата Ц, во Љубљана, со домаќинот Словенија, со актуелниот европски првак Русија, Турција, Финска и со Белорусија. Македонија првиот меч на ЕП треба да го има на 12 септември против Финска.

– Во Маврово остануваме во наредните пет недели. Ќе тренираме по двапати дневно, во сала и фитнес, а акцентот е ставен на подобрување на физичката подготовка, барем во првите десетина дена. Потоа, како што ќе минуваат деновите и тренинзите, сѐ повеќе внимание ќе ѝ посветуваме и на работата со топка, на уигрувањето на тимот и на некои тактичко-технички финеси. Имаме одлични услови за работа во Маврово, атмосферата е одлична, расположението исто така е на високо ниво, и јас се надевам дека оваа клучна фаза од подготовките ќе ја одработиме максимално ангажирано – ни изјави во телефонското јавување од Маврово, селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ.

Во Маврово селекторот има на располагање 15 одбојкари, предводени од капитенот и најдобар играч Никола Ѓоргиев. Недостига само Марјан Урдов, а на негово место е повикан Ристо Николов.

Македонија првпат во историјата ќе настапи на едно големо одбојкарско натпреварување, на ЕП (од 13 до 29 септември) што првпат ќе се одржи во четири земји, Франција, Холандија, Белгија и во Словенија, и на кое првпат ќе настапат 24 репрезентации. 


Ѓоргиев: Не смееме да бидеме епизодисти во Љубљана

За одбојкарите на Македонија пласманот и настапот на Европското првенство се нешто сосема непознато, иако некои од нив имаат многу искуство од играњето во клубовите. Од друга страна, таквата ситуација е и многу мотивирачка.
– Веќе одигравме три финалиња во Европската лига, двапати бевме полуфиналисти. Сепак, ова е нешто сосема различно. Сите велат дека ја остваривме најголемата цел, но ние сега не сакаме да застанеме тука. Иако основната идеја е да постигнеме напредок во нашата игра, не можам да кажам дека не размислуваме и за противниците. Групата во Љубљана е силна, но ние мораме да дадеме сѐ од себе, не смееме да бидеме епизодисти таму – вели за сајтот на ЦЕВ, капитенот Никола Ѓорѓиев, кој како вистински лидер постојано се обидува да им наметне позитивен став на колегите.
На првиот собир во Маврово во оптимистичко расположение беше и селекторот Матијашевиќ, кој како тренер работи во францускиот Рен.
– Момци, јас секако ќе одам во Франција во септември, но сега имам желба таму да одам заедно со вас – гласи пораката од селекторот до одбојкарите.
Амбициите се зголемија, а за да се остварат очекувања, 15-те одбојкари треба да го достигнат највисокото ниво на физичка, тактичка и психолошка подготвеност. Затоа е ангажиран францускиот тренер за физичка подготовка, Рејналд Чоке, а дополнителен член на тренерскиот штаб е Србинот Ратко Павличевиќ.