Осака ја продолжи дебитантската низа на гранслемите

61

Јапонката славеше на САД опен и тоа беше седми пат на последните 12 гранслем-турнири некоја тенисерка првпат да победи на еден од гранслемите, по дебитантските триумфи од 2016 година на Кербер, Мугуруза, Остапенко, Стивенс, Возниацки и на Халеп

Јапонката израсната во САД (живее на Флорида, во САД е од својата трета година), Наоми Осака (20) со одлична игра ја освои својата прва титула на гранслем-турнир, во финалето на САД опен во Њујорк, победувајќи ја Американката Серена Вилијамс со 6-2, 6-4. Нејзин досегашен најголем успех на четирите гранслеми беше настап во третите кола на Ролан Гарос и на Вимблдон.
Ова беше седми пат на последните 12 гранслем-турнири некоја тенисерка првпат да победи на еден од најголемите четири турнири. Своите први гранслем-трофеи претходно ги освоија Анжелик Кербер (2016, Австралија опен), Гарбине Мугуруза (2016, Ролан Гарос), Јелена Остапенко (2017, Ролан Гарос), Слоан Стивенс (2017, САД опен), Каролине Возниацки (2018, Австралија опен), Симона Халеп (2018, Ролан Гарос) и сега Осака.

Вилијамс го загуби финалето, но го обвини главниот судија за сексизам и застана во одбрана на женските права. Во текот на мечот Вилијамс прво беше опомената од судијата Карлос Рамос поради комуникација со тренерот, нешто што е забрането на гранслем-турнирите. Потоа, во вториот сет, во една следна ситуација Вилијамс го искрши рекетот од нервоза, по што судијата ѝ одзеде поен. Во расправијата што следуваше потоа таа го нарекуваше судијата „лажго“ и „крадец“, по што судијата ѝ го одзеде гемот.

– Тој никогаш не одзел гем од тенисер кога тие рекле „крадец“. Но сум видела други тенисери да се обраќаат со други зборови кон судии. Тука сум да се борам за женските права и за еднаквоста – рече Вилијамс, пренесе Би-би-си.
Осака доминираше во првиот сет на дуелот со, како што ја нарече, „својот идол“. Со слична игра продолжи и во вториот сет. Вилијамс е рекордерка со 23-те титули во т.н. опен ера, но во вкупниот поредок прва е Австралијката Маргарет Корт со 24 гранслем-титули. Трета е Германката Штефи Граф со 22. Кај мажите најтрофеен е Швајцарецот Роже Федерер со 20.