Одбојката на ЕП во сенка на словенечките велосипедисти

110
И одбојкарите на Словенија им честитаа на велосипедистите

Добрите игри и резултати на Словенија на одбојкарското ЕП во повеќето домашни медиуми паднаа во втор план и беа во сенка на двајцата фантастични велосипедисти Примож Роглич и Тадеј Погачар, по нивните големи успеси на Вуелта

Ласте Димитриевски
наш известувач од Љубљана

Словенија ја прокнижи третата победа на Европското првенство (ЕП) во одбојка, во групата Ц во Љубљана, против Турција, 3-0 (30-28, 25-16, 25-23), со што го завери пласманот во следната, осминафинална фаза, во која од оваа група веќе се пласира и актуелниот европски првак Русија. Од мечевите во третото коло од оваа група, во која игра и Македонија, за одбележување е и првата победа на Белорусија, над Финска, со 3-2 (13-25, 17-25, 30-28, 25-22, 15-13) откако беше во негатива со 0-2.

Добрите игри и резултати на Словенија на ЕП во повеќето електронски и печатени медиуми паднаа во втор план и беа во сенка на двајцата фантастични велосипедисти Примож Роглич и Тадеј Погачар, кои блескаа на шпанската Вуелта, освојувајќи го првото, односно третото место. „Дело“ му ја посвети насловната страница на Роглич, како и коментарот, плус голем дел од понеделничкиот спортски прилог. Со право, бидејќи Роглич е првиот Словенец победник на Вуелта, третата грантур-трка (по Џиро д`Италија и Тур де Франс), а 20-годишниот Погачар, на првата трка во ваква силна конкуренција како трет, ја освои „белата“ маичка намената за најдобриот млад возач.
За одбојкарите „Дело“, меѓу другото, пишува дека „со одличните игри ги одушевуваат навивачите на трибините“, но и ги повикува љубителите на овој спорт што мечевите ги гледаат на телевизија да дојдат во што поголем број во арената „Стожице“, за да им дадат поголема поддршка. Домашните ја имаат поддршката од трибините, но впечатокот е како навивачите да се „чуваат“ за вториот круг и за осминафиналните и четвртфиналните натпревари во истата оваа арена кога се очекуваат поголеми возбудувања, па и еуфорија со оглед дека Словенците имаат големи амбиции на шампионатот.

Спортскиот весник „Екипа“ на неколку страници известува за одбојкарското ЕП. За игрите на Словенците се пишува нашироко, во детали и во суперлативи, а сето тоа зачинето со мегаинтервју на Јан Козамерник и на селекторот, Италијанецот Алберто Џулијани.

Одбојкарската атмосфера во Љубљана полека се загрева, а во меѓувреме главен хит се финските навивачи, кои се најмногубројни на трибините (ги има над 2.000) и се најрасположени. На трибините се појави и нивниот транспарент, на кој пишуваше „Нашите 12 поени ги даваме за словенечкото вино“, алузија на гласањето за песната на Евровизија.


Македонија вечерва се среќава со домаќинот

Македонија на Европското првенство во одбојка синоќа играше со Белорусија, а вечерва против Словенија, која вчера имаше слободен ден. Утревечер, пак, е мечот Словенија – Русија, кој би требало да го реши прашањето за победникот во групата Ц.
Од групата А, по трите кола и по трите победи, Италија, Франција и Бугарија се веќе осминафиналисти. Во групата Б, домаќинот Белгија има максимален ефект по трите кола, а Србија има две победи по двата меча. Во групата Ц, во Ротердам, пред 11.000 гледачи, светскиот првак Полска (скор две победи од два меча) беше пресилен за Холандија (скор 2-1) триумфирајќи со максимални 3-0.
Во осминафиналето, кое почнува в сабота ќе се квалификуваат по четири најдобри селекции од четирите групи.

[email protected],com.mk