Одбојкарите ја почнуваат мисијата „историски пласман на ЕП“

169

Македонија утре почнува со подготовките за двата решавачки натпревара во квалификациите за пласман на ЕП 2019, на гости кај Украина (5 јануари) и дома со Унгарија (9 јануари)

Најдобрите македонски одбојкари од утре во Скопје ги почнуваат подготовките за двата решавачки натпревара во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2019 година, група Ф, против Украина, на гости на 5 јануари и против Унгарија, во Скопје, на 9 јануари.
За вечерва е закажана првата прозивка на репрезентативците, а од утре почнуваат и тренинзите во салата „Кале“. Покрај тренинзите договорени се и два контролни натпревара против репрезентацијата на Албанија (в сабота и недела, сала „Градски парк“), која е трета во групата Д, зад Португалија и Австрија, а пред Хрватска.

На списокот на селекторот Никола Матијашевиќ нема поголеми промени, главно станува збор за одбојкарите што го понесоа товарот на минатите натпревари и на кои би требало да им се приклучи искусниот блокер Ѓоко Јосифов.
За да се пласира на финалниот турнир на ЕП, прв, историски, Македонија треба да одигра најдобро што може, да ја победи Украина, потоа и Унгарија. Во случај на пораз од Украина, ќе мора да се победи Унгарија и евентуално да се надева дека ќе се избегнат некакви комбинаторики, како што е евентуалната победа на Швајцарија над Унгарија на гости итн.

– Очекувам Македонија да ги добие двата натпревара, прво против Украина и потоа против Унгарија и со тоа да го потврдиме заслужениот настап на ЕП. Мислам дека имаме сили, квалитет и доволно искуство да не ја испуштиме оваа голема шанса да се најдеме во завршницата на едно големо натпреварување. На минатите натпревари покажавме дека сме рамноправни, па и подобри од нашите ривали во групата, но на некои натпревари, иако водевме со 2-0, во сетови, не издржавме и не успеавме да победиме. Мислам дека такви работи не би требало да ни се повторат – оптимист е капитенот на Македонија, Никола Ѓоргиев, убедливо најдобриот поентер во квалификациите.

Македонија по четирите кола е на втората позиција во групата со шест бода (водечка е Украина со 11 бода) место што води на финалниот турнир на ЕП (на ЕП ќе играат седумте првопласирани во групите и петте најдобри второпласирани). На досегашните мечеви Македонија имаше половичен ефект, забележа две победи и два пораза. Но сите натпревари ги играше во по пет сета, на три меча водеше со 2-0 и сите траеја над два часа. 


Првпат 24 репрезентации на финалниот турнир

На финалниот турнир на ЕП 2019 првпат ќе настапат 24 репрезентации (досега играа по 16) од кои пласман веќе обезбедија 12 – Русија, Германија, Србија, Италија, Бугарија, Чешка, Полска, Турција, Романија, Грција и Естонија. Ним ќе им се приклучат првопласираните од седумте квалификациски групи, плус петте второпласирани со најдобар скор, меѓу кои би требало да биде и Македонија. Завршницата на ЕП ќе се одржи 12 до 19 септември, во четири земји и во девет града – во Франција (Монпелје, Нант и Париз), Холандија (Амстердам, Ротердам и Апелдорн), Белгија (Брисел и Антверпен) и во Словенија (Љубљана).
На завршниот турнир на ЕП репрезентациите ќе бидат поделени во четири групи со по шест тима по што пласман во следната нокаут-фаза ќе обезбедат првите четири селекции од четирите групи. Ждрепката за составот на групите е закажана за 16 јануари во Брисел. Л.Д.