Нов меч од серијата големи пресврти на гранслемите

130

Сонот на Серена за осми триумф во Мелбурн го прекина Каролина Плишкова од Чешка во четврт-финалето, и тоа на сензационален начин, победувајќи ја со 4-6, 6-4 и 7-5, по водството на Серена со 5-1 во третиот сет и неискористените четири меч-топки

Американката Серена Вилијамс ќе мора да почека за освојување на 24-та тениска гранслем-титула и за израмнување на рекордот на Австралијката Маргарет Корт. Сонот на Серена за осми триумф во Мелбурн го прекина Каролина Плишкова од Чешка во четврт-финалето, и тоа на сензационален начин, победувајќи ја со 4-6, 6-4 и 7-5.

Во третиот сет Серена имаше огромна предност, водеше со 5-1 во третиот сет, имаше и меч-топка при резултат 40-30. Но сѐ излезе поинаку. Плишкова успеа да намали на 2-5, потоа Серена го свитка левиот зглоб и работите тргнаа на лошо за неа, за еден од најнеочекуваните пресврти во историјата на тенисот.

– Речиси бев поразена, со умот веќе бев во соблекувалната, но успеав да победам. Беше тешко, Серена играше одлично во третиот сет, но кога намалив на 2-5 си реков, продолжи да играш, па што биде нека биде и ја искористив шансата – изјави Плишкова по пласманот во првото полуфинале во Мелбурн.

На Серена нешто слично ѝ се случи во полуфиналето на Ролан Гарос во 2003-та, на мечот против Белгијката Жастин Енан (2-6, 6-4, 7-5). Во третиот сет Серена водеше со 4-2, сервираше при водство од 30-0 во седмиот гем, но го загуби мечот. Кога сме кај најголемите водства и пропуштените победи, незаборавно е финалето на Вимблдон во 1993 година помеѓу Германката Штефи Граф и Јана Новотна од Чешка (7-6, 1-6, 6-4). Новотна во третиот сет водеше со 4-1, сервираше за 5-1, беше пред триумф, но направи двојна сервис-грешка, по што едноставно застана и мечот заврши за десетина минути.

Од многуте слични дуели, за обележување е и полуфиналето во Њујорк во 2003-та, помеѓу Енан и Американката Џенифер Капријати (4-6, 7-5 и 7-6), кое траеше 183 минути. Во првиот сет Капријати губеше со 1-4, но го доби сетот. Потоа, во вториот водеше со 5-3, па го загуби со 5-7. Во третиот сет Анин водеше со 5-2 и при еден сервис го истегна мускулот на левата нога. Капријати не го искористи тоа и на крајот, сепак, Енан го доби мечот во тајбрејкот. 


Тренерите ќе можат да ги советуваат играчите во 2020-та?

Австралија опен, наводно, се подготвува да ја прекине 115-годишната традиција и да воведе уште една промена на правилата во 2020 година. Станува збор за тоа дека ќе им се дозволи на тренерите од средишницата на мечевите да ги советуваат играчите, што се најавува и за Њујорк од идната година. Лани Серена Вилијамс во финалето на Њујорк беше казнета затоа што наводно тренерот Патрик Муратоглу ѝ давал совети, што не е дозволено. Годинава во Мелбурн првпат се игра тајбрејк до 10 поени во одлучувачките сетови и има лимит од 25 секунди при сервисите.