Никола Ѓоргиев одигра меч за паметење и за историја

575

Одбојкарите на Македонија ја забележаа првата, историска победа на дебитантското ЕП 2019, над Белорусија (3-1), во која капитенот Ѓоргиев забележа феноменални 37 поени

Ласте Димитриевски
наш известувач од Љубљана

Историска понеделничка ноќ во Љубљана за Македонија. Одбојкарите забележаа победа, прва на европските првенства (ЕП), совладувајќи ја Белорусија со 3-1 (23-25, 25-19, 29-27, 25-20) во групата Ц на ЕП во Љубљана за 130 минути игра. Триумфот го поздравија неколкуте стотици навивачи на Македонија на трибините во арената „Стожице“, на кои несебична поддршка во бодрењето им даваа финските љубители на одбојката. Македонската репрезентација вчера играше со Словенија.

Македонија, како дебитант на ЕП, со оваа победа ги исполни планот и очекувањата. Посакувана, па и планирана, беше барем една победа (евентуално две) што се оствари. Освен по големиот триумф, кој ќе биде запишан со големи букви во аналите на македонската одбојка, мечот ќе се памети и по капитенот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Ѓоргиев. Тој одигра фантастичен меч, еден од најдобрите во кариерата, репрезентативна и клупска, и забележа неверојатни 37 поени, од кои 36 од напад и еден сервис-ас.

Ѓоргиев натпреварот речиси го претвори во шоу на еден човек, како што беше оквалификувана неговата игра на официјалната страница на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ), која го прогласи за одбојкар на денот во групата Ц.
– Ваквата енергија, желбата за победа, мотивацијата, беа она што недостигаше на првите натпревари. Така треба да играме на секој меч – изјави Ѓоргиев, додавајќи дека е горд што е капитен на генерацијата одбојкари што на Македонија ѝ ја донесоа првата победа на првиот настап на турнир на ЕП.

Покрај Никола Ѓоргиев, кој брилјира, одличен меч одиграа и другите македонските одбојкари, Александар Љафтов (15 поени), плејмејкерот Филип Деспотовски, кој го одигра целиот меч, без одмор, поради повредата на Ѓорги Ѓоргиев, потоа Владо Милев (11 поени), блокерите Филип Маџунков и Ристо Николов (по три бокади), како и либерото Дарко Ангеловски.
– Пресреќен сум поради нашата прва победа, и тоа на првиот настап ЕП. Многу сум задоволен што моите играчи го исполнија сето она што се договоривме, беа многу дисциплинирани. Играа крајно борбено, покажаа огромна желба за победа и јас им честитам од сѐ срце. Ова е нивна победа – изјави по мечот селекторот на Македонија, Никола Матијашевиќ.

Во понеделникот во групата Ц се одигра уште еден меч, во кој Русија очекувано ја совлада Финска, со максимални 3-0 (25-17, 26-24, 25-22).
Во преостанатите три групи на Европското првенство во одбојка, А, Б и Д, фаворитите (како и во Ц) веќе си обезбедија пласман во следната, нокаут-фаза, по што во последните кола останува да се види кои селекции ќе го фатат последниот воз и како четвртопласирани ќе ги продолжат мечевите на ЕП.
Во групата А, Грција по трите порази ја забележа првата победа, над Романија (3-1), и има шанси да се најде во осминафиналето, во кое веќе се домаќинот Франција, Италија и Бугарија.

Во групата Б, на првата победа ѝ се израдува и Германија, совладувајќи ја Австрија (3-0), со што ги задржа шансите за осминафинале. Србија ја прокнижи третата победа, над Шпанија (3-1), и веќе е во следната рунда со домаќинот Белгија и со Словачка.
Во групата Д, светскиот првак Полска веќе има три победи по ред. Покрај Полска, во следната фаза би можеле да се најдат Холандија, Украина и Чешка.


ГРУПА Ц
Македонија – Белорусија 3-1
Русија – Финска 3-0

ТАБЕЛА
Русија 4 4 0 12-2 12
Словенија 3 3 0 9-1 9
Финска 4 1 3 6-10 4
Турција 3 1 2 4-6 3
Македонија 4 1 3 4-10 3
Белорусија 4 1 3 5-11 2

Синоќа: Македонија – Словенија, Турција – Белорусија.
Денеска: Словенија – Русија, Турција – Финска.


НАЈМНОГУ ПОЕНИ ОД СМЕЧ ПО ЧЕТИРИ КОЛА НА ЕП 2019

Никола Ѓоргиев (Македонија) 70
Стефан Бојер (Франција) 66
Цветан Соколов (Бугарија) 57

Извор: ЦЕВ

[email protected]