Несекојдневен британски велосипедски гранслем

50

Велика Британија годинава се издвои како доминантна земја во велосипедизам, откако тркач од таа земја победи и на трката околу Шпанија, позната како Вуелта. Сајмон Јејтс е победник на престижната трка, која е една од трите т.н. гранслем-трки во велосипедизам во текот на годината. Годинава на Џиро д’Италија победи Крис Фрум, а на Тур де Франс славеше Џерент Томас, двајцата сонародници на Јејтс.

За Јејтс (26) победата на Вуелта е прв голем триумф во кариерата. Со тоа ја потврди доминацијата на возачите од Велика Британија. Претходно во само два наврата се случило велосипедисти од една земја да победат на трите грантур-трки во една година, но првпат станува збор за тројца различни возачи.

За доминацијата на британските велоспедисти последниве години сведочи и податокот дека тие забележаа девет победи на последните 20 грантур-трки, почнувајќи со триумфот на Бредли Вигинс на Тур де Франс во 2012 година. Триумфот на Јејтс е петти едноподруго за Британците бидејќи лани Фрум победи на Тур де Франс и потоа на Вуелта.

Јејтс беше пред победа на Џиро годинава во мај, 13 дена беше на лидерската позиција, имаше голема предност од речиси 40 минути, која ја загуби во претпоследната етапа и од првата падна на 21-та позиција. Затоа и најавува дека следната година главна цел ќе му биде настап и триумф на Џиро д’Италија и дека таму има „незавршена работа“.