(Не)возможен проект – искачување на 14-те врва над 8.000 метри за седум месеци

37

Нирмал Пурџа веќе искачи шест врва од над 8.000 метри, Анапурна (8.091), Далугари (8.167), Канченџунга (8.586 метри), Монт Еверест (8.848), Лоце (8.516) и Макалу (8.481), наредните пет планира да ги комплетира во јули, а преостанатите три до 1 ноември

Поранешниот британски војник, планинарот од Непал, Нирмал Пурџа (35), продолжува со својот „Возможен проект 14/7“. Станува збор за искачување на 14-те највисоки врва на светот, за рекордно време од седум месеци, до 1 ноември годинава. Сезонава Пурџа за 31 ден веќе искачи шест врва над 8.000 метри, и тоа Анапурна 1 (8.091) на 23 април, Далугари (8.167) на 12 мај, а три дена подоцна, на 15 мај, Канченџунга (8.586 метри). Потоа, според информациите од неговиот придружен тим, од 22 до 24 мај, за 48,30 часа, тој се искачил на Монт Еверест (8.848), на Лоце (8.516) и на Макалу (8.481 метри), три од петте највисоки врвови на светот.

Втората фаза од проектот требаше да започне во јуни. Тоа е походот на следните пет врва, К2 (8.611), Нанга Парбат (8.126), Броад Пик (8.047), Гашенбрум 1 (8.080) и Гашенбрум 2 (8.035 метри), но поради финансиско-организациски причини проектот засега мирува. Во третата фаза, до 1 ноември, тој планира да се искачи и на Чо Оју (8.188), Манаслу (8.863), Шишнанпангма (8.027).
– Апсолутно сум убеден дека сум еден од осумте милијарди луѓе што може да го направи тоа, во смисла на способност за донесување одлуки, издржливост, сѐ – оптимист е Пурџа.

Прв на 14-те највисоки врва се искачи Италијанецот Рајнхолд Меснер, во периодот од 1970 до 1986 година. Во 1987 година, Полјакот Јиржи Кукучка втор ги комплетира 14-те највисоки врвови за тогаш рекордни седум години, 11 месеци и 14 дена. Тој рекорд опстојуваше 27 години, до 2014-та, кога Кореецот Ким Чанг-хо го подобри за еден месец и осум дена (вкупно седум години, 10 месеци и шест дена). По ова, искачувањето на 14-те највисоки врвови стана „златен“ стандард за сите врвни планинари, хималаисти. Во минатите над 33 години четириесетина планинари успеале да го повторат успехот на Меснер.

На Меснер, Кукучка и на другите за таков подвиг им беа потребни многу години и напори. Но последниве години високогорството или хималаизмот се искомерцијализираа, опремата е многу поквалитетна, како и логистиката, без која Пурџа не може ниту да сонува да се качи на 14-те врва за толку кратко време. На постарите планинари ваквите бркотници и мешаници по високите планини воопшто не им се допаѓаат и поради тоа инсистираат дека начинот на кој ќе се стигне до врвот е исто толку битен, па и побитен, од самото стигнување на врвот. Тие се против прекумерната употреба на кислород, на (пре)големата зависност од помошта на шерпасите, без да се поседува завидна алпинистичка техника, и заговараат „вистинските“ планинари преку нови насоки да пробуваат да се искачуваат на врвовите.

Пурџа ги прифаќа и ги користи модерните погодности, испраќајќи ги шерпасите со боците кислород во повисоки логори, а неговиот инстаграм-профил изгледа како холивудска верзија на качување на Хималаите, со драматични бури, спасувања со хеликоптери итн. Но не му недостига гордост, што се гледа од објавата пред да почне да се искачува на Монт Еверест.