На Тур ќе се вози и по највисокиот асфалтен пат во Европа

173

Трката Тур де Франс, опишана како највисока во историјата, в година ќе почне во Брисел, на 6 јули, велосипедистите ќе треба да извозат 3.460 км, со неколку завршници на етапи на над 2.000 метри надморска височина

Организаторите на најпознатата велосипедска трка на светот, Тур де Франс, ја објавија маршрутата по која ќе се вози на 106-то издание, во 2019 година. Трката ќе почне во Брисел на 6 јули и ќе трае до 28 јули, со цел на Елисејските Полиња во Париз. Велосипедистите ќе треба да извозат 21 етапа или вкупно 3.460 км, со „посета“ на Пиринеите во втората и на Алпите во третата завршна недела. Три од петте завршници на планинските етапи ќе бидат на над 2.000 метри надморска височина, а ќе има само две хронометарски етапи, тимска и индивидуална, од по 27 км.

Со стартот на трката во Белгија ќе се одбележат 50 години од првата од петте победи на Еди Меркс на Тур. Исто така, в година ќе се прослават и 100 години од воведувањето на жолтата маичка за лидерот. Честа прв да ја облече тогаш ја имаше Французинот Јужен Кристоф, кој на крајот не триумфира.

Директорот на трката, Кристијан Прудом, Тур де Франс 2019 го опиша како највисок во историјата, со очигледна намера да им годи на поагресивните велосипедисти, што може да ја прекине доминацијата на Британците од тимот Скај, чии возачи триумфираа на шест од последните седум трки. За очекување е трката да биде одлучена во Алпите, на последните три етапи пред финишот во Париз, со оглед на тоа дека станува збор за тешки „алпинистички искачувања“. Етапата број 18 е класичната Кол д`Исоард и Кол ди Галивие, а следната води до 2.770 метри високиот Кол д`Исеран, највисокиот асфалтен планински премин во Европа, за трката да кулминира во 20-та етапа со 33-километарско искачување на Вал Торенс.

Титулата од годинава ќе ја брани Британецот Герент Томас од Скај, кој на промовирањето на трасата во Париз изјави дека очекува да биде главен возач во тимот во 2019-та (заедно со Крис Фрум, четирикратниот победник на Тур, кој лани беше трет). Ваквата траса веројатно ќе му одговара Скај поради квалитетните возачи и способноста да го контролираат пелотонот (водечката група) низ планините. Но тоа е шанса за конкурентите и за специјалистите на ридски етапи да ги нападнат.

– Тоа е многу тешка маршрута, впрочем како и сите на Тур де Франс, но она што е различно од претходните изданија се неколкуте завршници на над 2.000 метри. Навистина им се радувам на подготовките што следуваат, за мене ќе биде реализација на сонот ако ја забележам петтата победа на Тур. Секоја година морам да се приспособувам, па, така, и сега нема да биде поинаку, но ќе се обидам да бидам најдобар кога е најпотребно, во планините. Многу време на голема надморска височина дефинитивно ќе биде дел од нашата подготовка – изјави Фрум.