Наоми Осака за четири месеци од ѕвезда до суперѕвезда

177

Осака (21), која победи на Австралија опен на вториот гранслем-турнир едноподруго (лани во септември триумфира во Њујорк), од денеска ќе биде и прворангирана светска тенисерка, прва од Азија и најмлада по Вознијацки во 2010 година

Јапонката Наоми Осака e победничка на првиот годинашен гранслем-турнир, Австралија опен во Мелбурн, совладувајќи ја во финалето Петра Квитова од Чешка, во три сета со 7-6, 5-7 и 6-4 за 2,27 часа на арената „Род Лејвер“, пред 15.000 гледачи, во пристојни временски услови за игра, на околу 25 степени.

Осака (21), која победи на вториот гранслем-турнир едноподруго (лани во септември триумфира во Њујорк), од денеска ќе биде и прворангирана светска тенисерка, прва од Азија и најмлада по Каролине Вознијацки од Данска во 2010 година (на 20-годишна возраст). Осака, која пред една година беше на 72-то место, на првата позиција на ВТА-листата ќе ја наследи Романката Симона Халеп, која 48 недели беше најдоброрангирана светска тенисерка.

– Поздрав до сите, извинете, зборувањето во јавноста не е мојата силна страна, но се надевам дека ќе успеам. Прочитав некои белешки пред мечот, но, сепак, заборавив што требаше да кажам. Ви благодарам на сите, навистина ми беше чест што играв во финалето – изјави Осака по мечот, првата Јапонка победничка на турнирот во Мелбурн.

Двократната шампионка на Вимблдон (во 2011 и 2014-та), Квитова (28), рече дека е среќна што воопшто е жива по инцидентот и прободување со нож во декември 2016 година во својот дом во Чешка, и што успеала повторно да заигра во финале на гранслем-турнир. Пофални зборови за Осака имаше легендарната Мартина Навратилова, Американката со чешки корени, една од најдобрите светски тенисерки на сите времиња. Со право бидејќи е реткост да се победи на два гранслем-турнира едноподруго на само 21 година.

– По триумфот во Њујорк, Наоми Осака стана ѕвезда. Сега, откако победи во Мелбурн и стана светски број еден, таа е суперѕвезда. Честитки до шампионката. Но и до Петра Квитова, ти си шампионка на животот – рече таа.

Осака за победата во Мелбурн ќе добие и чек вреден 4,1 милиони австралиски долари. Осака по мајка е Јапонка, по татко е од Хаити, родена е во Јапонија, а од тригодишна возраст живее во САД, прво во Њујорк, сега на Флорида, и има двојно државјанство, јапонско и американско. Честитки до Осака за триумфот, на Твитер, испратија јапонскиот премиер Шинзо Абе како и нејзиниот колега и сонародник, Кеи Нишикори.