Накамура и Инаркиев во аут на СК во шах

83
Накамура (десно) и Нисипеану

Американецот Хикару Накамура (2.745 рејтинг-поени) и Русинот Ернесто Инаркиев (2.693) се најзвучните имиња што не успеаја да го минат 2-то коло на Светскиот шаховски куп (СК), кој се игра во рускиот град Канти Мансијск (128 шахисти по нокаут-систем, седум кола по две партии, а можни се и дополнителни со забрзано и брзо темпо на игра). Тие беа елиминирани од послабо рангираните, натурализираниот Германец Ливиу-Дитер Нисипеану (2.656), односно Кинезот Ху Хијанџу (2.576), кој имаше дури 117 рејтинг-поени помалку. Покрај нив, уште 15 шахисти обезбедија пласман во 3-та рунда. Зачудува фактот што само Французинот Максим Вашер-Леграв, Русинот Сергеј Карјакин и Полјакот Јан Криштов-Дуда обезбедија пласман меѓу најдобрите 32., откако ги добија и двете класични партии во втората рунда.

Вчера се играа дополнителните тајбрејк-партии (каде што резултатот во класичните партии беше 1-1), а меѓу нив беше и прворангираниот на СК, Кинезот Лирен Динг (2.811), кој играше со Ерменецот Сергеј Мовсесјан (2.654). Од преостанатите фаворити играа: Гири – Најер, Домингез – Абасов, Гришчук – Бок, Раџабов – Сјугиров, Свидлер – Есипенко, Гелфанд- Матлаков…

Финалистите ќе се пласираат на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак Магнус Карлсен (Норвешка).