Надал со првото место на АТП-листата постави неколку рекорди

252

Рафаел Надал петти пат ќе заврши една година како светски тениски рекет број еден на листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), откако Новак Ѓоковиќ загуби од Роже Федерер во 3. коло на финалето на АТП-серијата во Лондон. Со тоа Надал ја задржа бодовна разлика на АТП-листата за 2019 година пред Ѓоковиќ, пред завршувањето на последниот турнир годинава.

Шпанецот во 2019-та освои четири трофеи на големите турнири, и тоа две гранслем-титули, Ролан Гарос и САД опен, како и две од серијата „мастерс 1.000“, во Рим и во Монтреал. Со 33 години, Надал е најстариот играч што е прв на крајот на една година, во историјата на АТП-листата (од 1973 година).

Надал е првиот играч што го имал првото место, го губел и го враќал четири пати и првиот што пет пати е прв во непоследователни години (тој претходно беше на врвот за 2008, 2010, 2013 и за 2017 година). Периодот од 11 години од првиот пат кога беше број еден, во 2008 година, до петтиот (2019), е, исто така, рекорд.
Со петтата година на врвот Надал се израмни со Џими Конорс, Федерер и со Ѓоковиќ, а на оваа листа води Пит Сампрас со шест години како број еден во светот. Ова е 16-та година по ред во која врвот го држи играч од т.н. голема четворка – Федерер, Надал, Ѓоковиќ и Енди Мареј. Од 1973 година само 17 тенисери биле на врвот на АТП-листата на крајот на годината.

Надал вчера играше за влез во полуфиналето на финалниот АТП-турнир за годинава во Лондон. Трофејот од тој турнир е единствениот што му недостига од најголемите, во кои се и гранслем-турнирите (Надал има 19) и турнирите од серијата „мастерс 1.000“(има 35).