Мирољубиво, ама борбено по две одиграни партии

98
Карлсен пристигнува на втората партија

Лондон е град во кој може да се нарача вечера и многу доцна во ноќта, па Карлсен и Каруана по седум часа игра и дури 115 одиграни потези во првата партија, заминаа да вечераат

Првите две партии од мечот за титулата светски шаховски првак помеѓу бранителот на круната, Норвежанецот Магнус Карлсен, прворангиран на ФИДЕ рејтинг-листата (2.835 поени), и претендентот, Американецот Фабијано Каруана, второрангиран во светот (2.832), завршија мирољубиво по 115, односно 49 одиграни потези, а не мораа. И во двете, црните фигури го диктираа темпото на игра и имаа пион повеќе во завршницата на со по еден топ. Карлсен беше многу поблиску до победа во првата партија, кога Каруана беше во жесток цајтнот, но неговата непрецизна игра во завршницата се покажа како пресудна за ремито.

За среќа, Лондон е град во кој може да се нарача вечера и многу доцна во ноќта, па Карлсен и Каруана по седум часа игра и дури 115 одиграни потези во првата партија, заминаа на вечера. Но за Норвежанецот тоа не беше неговата најдолга игра за светски првак досега, оти тој одигра во Сочи во 2014 година 122 потези во реванш-мечот со Индиецот Вишванатан Ананд.

– Малку е рано да се извлечат заклучоци. Мојата глава работеше добро, но очигледно покажа дека сѐ уште има работи на кои треба да се работи. Во целина, тоа е охрабрувачко, подобро отколку што играв неодамна – рече Карлсен по партијата.
И Каруана беше задоволен како завршија првите два дуела во зградата на Колеџот за уметност и дизајн во Холборн, Лондон.

Одиграните 115 потези беа за 10 помалку од соборувањето на рекордот за најдолга партија во историјата на светската титула, која беше видена во 1978 година помеѓу Русинот Анатолиј Карпов и натурализираниот Швајцарец Виктор Корчној (петта партија). Но затоа, пак, ова е рекорд во нивните меѓусебни дуели, оти тие никогаш претходно не играле 100 и повеќе потези. Карлсен, пак, никогаш не успеал да ја добие првата партија во досегашните четири меча за светскиот трон, така што тешко е да се каже кој е во психолошка предност по двете воведни партии.

Вчера беше првиот слободен ден, а денеска се игра третата партија од предвидените 12. Предноста на почетниот потег ја има Карлсен.


Партиите ги коментира Јудит Полгар

Прославената Унгарка и најсилна шахистка во историјата Јудит Полгар ќе биде главна коментаторка на партиите директно од студиото во салата, но ќе биде поддржана од дополнителен тим коментатори и гости. Полгар е единствената жена што успеала да го победи Карлсен, но и 11 поранешни светски шампиони (Карлсен, Анатолиј Карпов, Гари Каспаров, Владимир Крамник, Борис Спаски, Василиј Смислов, Веселин Топалов, Вишванатан Ананд, Руслан Пономарев, Александар Калифман и Рустам Касимџанов). Нејзиниот коментар ја прави шаховската партија лесно разбирлива и за оние што никогаш не играле шах.