Мечот за светската круна ќе се игра во Колеџот за уметност и дизајн

116

Станува збор за простор од 10.000 квадратни метри, кој секој ден ќе биде домаќин на по 400 луѓе што ќе сакаат да го видат овој голем шаховски настан, со влезници по цена од 60 до 130 долари

Шаховскиот спектакл, мечот за титулата светски првак помеѓу шампионот Магнус Карлсен од Норвешка и предизвикувачот, Американецот Фабијано Каруана (од петок) ќе се одржи во срцето на Лондон. Станува збор за простор од 10.000 квадратни метри во зградата на Колеџот за уметност и дизајн во Холборн (има и театар што ќе се користи како сала за игра), кој секој ден ќе биде домаќин на по 400 луѓе што ќе сакаат да го видат овој голем шаховски настан. Колеџот обезбедува вистински услови за шаховска игра, со стар автентичен мебел, мермер, соби за прием…

Цените на влезниците се движат од 60 до 130 долари, а над 4.500 навивачи веќе аплицирале за влезници по пат на претходна нарачка. Сите сопственици на влезници автоматски ќе добијат т.н. дигитален премиум-пристап до целиот турнир и ќе можат да ги следат партиите во живо како да се во просторот заедно со двајцата велемајстори. Гледачите ќе можат да присуствуваат и на прес-конференциите и да ги слушаат во живо коментарите на најголемите светски шаховски ѕвезди и стручњаци.

Оние пак, кои ќе го следат мечот преку линкови, исто така, не треба да се грижат, тоа ќе можат слободно да го прават преку worldchess.com, официјалниот емитувачки линк. Тие ќе можат за 20 долари да се пријават за премиум-профилот, со што ќе можат да имаат и видеопристап од повеќе камери, коментари, снимки зад сцената, можност да поставуваат прашања за време на прес-конференциите и многу повеќе. Некои од дигиталните приходи ќе бидат резервирани за зголемување на наградниот фонд од засега загарантираните еден милион евра. Како споредба, гледаноста на мечот за светски првак во 2016 година што се одржа во Њујорк достигна рекордни 1,5 милијарда луѓе.

Првпат по 46 години светската титула може да се врати во САД, откако Каруана, кој е родена во Бруклин, победи на турнирот на кандидатите во Берлин и го стекна правото да се бори против Карлсен.