Македонската одбојка е подготвена да се врати на славните патеки

217

Сонот на голем број одбојкари, тренери и спортски работници во Македонија што почна од првите претквалификациски дуели со Австрија пред 25 години, конечно стана јаве, откако Македонија во средата се пласира на ЕП 2019. Во минатото Македонија имаше врвни светски одбојкари со медали од ЕП, повеќе прволигаши во поранешна СФРЈ, во која Вардар беше шампион, а потоа и четврти во Европа, Работнички играше на фајналфор во Топ-тимс купот…

Историски денови за македонската одбојка. Машката репрезентација избори пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во септември, што ќе се игра во Холандија, Белгија, Словенија и во Франција. Сонот и амбициите на голем број одбојкари, тренери и спортски работници во Македонија што почнаа од првите претквалификациски дуели против Австрија пред 25 години, во Струмица и во Виена (прв селектор беше сега покојниот Димитар Циев), конечно станаа јаве.
Требаше да се одиграат многу натпревари, да се голтнат многу горчливи пилули, да се загубат веќе добиени натпревари и за влакно да не се стигне до посакуваната цел. Но тоа сега е минато, ова се мигови и денови на заслужена радост за реализираната цел.

– Прекрасно се чувствувам, детскиот сон да играм на ЕП ми се оствари. Беше тешко на сите натпревари, играме во доста израмнета според квалитет група, а она што ме радува е тоа што кога беше најпотребно, одигравме најдобро што можеме, не потклекнавме пред притисокот и ја оствариме целта. До ЕП има, но и нема многу време. На сите нас во следните три до четири месеци ни претстојат натпревари по клубовите по што ќе следуваат подготовките за ЕП. Верувам дека и на тоа големо натпреварување ќе играме добро и оти нема да разочараме – изјави плејмејкерот Ѓорги Ѓоргиев.

Успехот е уште поголем ако се има предвид фактот дека македонската одбојка во целина, на клупско и на организациско ниво, во моментов не е во најдобра кондиција. Првата лига е на многу ниско квалитативно, дури и на аматерско ниво, клубовите едвај составуваат крај со крај, а нивните настапи во европска конкуренција се дамнешно минато. Одбојкарските центри во Македонија речиси згаснаа, со ретки исклучоци, што е недоволно да се промени вкупната состојба. Што се однесува до одбојкарите, сѐ што е поквалитетно игра надвор од Македонија, во посилни клубови и лиги што беше и одлучувачко за да се избори пласманот на ЕП 2019.

Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) во која целата работа и функционирање е на плеќите на неколкумина ентузијасти (пред сите претседателот Петар Јовановски и генералниот секретар Зоран Карановиќ), последниве години фрли сѐ на една карта – на машката репрезентација. Следуваа настапите во Европската лига и второстепено репрезентативно натпреварување, кои можат да се оценат како успешни. Освоените три втори места беа добра увертира за ова што следуваше, иако лани во јуни имаше мало разочарување бидејќи на завршниот турнир што се одржа во Скопје беше планирано, па и очекувано Македонија да се искачи на највисокото скалило и да го освои златниот медал, а заврши на последната, четврта позиција. Сепак, поуките беа извлечени, стекнатото искуство значеше пласман на ЕП, иако со доста маки и преку многу инфарктни натпревари.

Успехот е голем, прв пласман на ЕП, историски како што се вели во овие пригоди, но е апсолутно заслужен, поради сѐ што беше вложено во оваа квалификациска кампања, но и во изминатите години. Со пласманот на ЕП одбојкарите им се приклучија на ракометарите, кои се редовни на најголемите европски, па и светски првенства, потоа на кошаркарите, на фудбалерите до 21 година, па и на ватерполистите. На претседателската функција во ОФМ и на селекторската позиција во минатите 25 и повеќе години се сменија многумина, и секој од нив има дел од заслугите за пласманот на ЕП, без исклучок.

– Оваа генерација македонски одбојкари го заслужија ова, сите заслужуваат честитки, на чело во првите луѓе на федерацијата. Не беше лесно во овие квалификации, но веројатно така требаше да биде. Кога би можел да избирам, би се согласил и би потпишал сево ова да се повтори. Сега се моменти на радост, треба да се слави, ова се многу убави мигови за сите, за мене, за одбојкарите, за цела спортска Македонија – изјави селекторот Никола Матијашевиќ, додавајќи оти останува отворено прашањето дали ќе ја предводи Македонија на ЕП во септември годинава.

Но за да не излезе дека овој успех е сензационален, нешто нестварно и неочекувано, треба да се потсетиме дека Македонија има богато одбојкарско минато. На клупски план, пред десетина и повеќе години Работнички имаше забележливи настапи во тогашниот Топ-тимс куп, со Јошко Миленкоски како тренер (сега е селектор на Турција) и играше на фајналфор-турнирите.

Во поранешна СФР Југославија, Македонија имаше неколку прволигаши, Вардар, Работнички, Струмица, Борец… Вардар, со Владимир Богоевски, Александар Тасевски, тогашни репрезентативци на СФРЈ, беше првак и освојувач на Купот на СФРЈ, како и четврти на фајналфорот во Купот на шампионите пред 42 години. Богоевски и Тасевски беа незаменливи во тогашната репрезентација, која со Богоевски во составот освои бронзен медал на ЕП 1975 во СФРЈ (групната фаза се играше и во Скопје), потоа уште и со Тасевски и Горан Србиновски и на ЕП 1979 во Франција и беше шеста на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 1980 година во Москва.

Сево ова значи дека одбојкарски темели и традиција постојат во Македонија. Можеби сега доаѓа времето овој спорт да се врати на старите патеки, да ги обнови старите згаснати центри и клубови, да ѝ се врати на базата, пред сѐ во училиштата, меѓу најмладите. Јасно е дека за такво нешто е потребна и поголема поддршка, финансиска и друга, од Агенцијата за млади и за спорт (АМС) и од Македонскиот олимписки комитет (МОК), кои и досега во повеќе наврати ѝ помагаа на ОФМ.


Богоевски: Вистинското докажување треба да биде на ЕП

Македонија заслужено е на финалниот турнир на ЕП. Но, вистинското лице и квалитетот треба да се видат и да се покажат на натпреварите во многу посилна конкуренција, против најдобрите европски репрезентации. Настапите и вторите места во Европската лига минатите години не ја даваа реалната слика за можностите на оваа селекција. Според мене, најголемиот проблем со кој во моментов се соочува македонската одбојка е нискиот квалитет на клубовите во Првата лига. Погледнете го составот на репрезентацијата, најдобрите одбојкари играат во странски клубови, ретко кој за македонски клуб. Во секој случај настапот на ЕП е голем успех, останува да се види дали македонската одбојка од ова во целина ќе има некаква корист, ќе се ревитализира и ќе напредува, вели македонската и европска одбојкарска легенда, Владимир Богоевски, сега спортски директор на Македонскиот олимписки комитет (МОК).


Играчите што испишаа историја

Во оваа пригода треба да се споменат и одбојкарите што настапија за Македонија во квалификациите за ЕП 2019. Тоа се Никола Ѓоргиев (капитен), Ѓорги Ѓоргиев, Александар Љафтов, Владо Милев, Филип Деспотовски, Дарко Ангеловски, Филип Николовски (либера), Славе Наков, Александар Милков, Иван Андонов, Филип Маџунков, Васе Михаилов, Марјан Урдов и Ѓоко Јосифов, предводени од селекторот, Никола Матијашевиќ (Србија, од генерацијата со бронза на СФРЈ од ЕП 1975, во која играше Владимир Богоевски) и неговиот помошник, Деан Стојанов.