Македонија ја победи Летонија, Словенците славеа над Израел

171

Македонската фудбалска репрезентација ги освои планираните бодови против Летонија во рамките на шестото коло во Г-групата. Избраниците на Игор Ангеловски победија 2-0 со головите на Пандев и Барди, а доколку беа имаа повеќе концентрација во завршницата на нападите триумфот можеше да биде изразен и со поголема разлика.

Офанзивната определба на селекторот Игор Ангеловски со Трајковски, Тричковски и Пандев на теренот вроди со плод уште во првите 20 минути. Во интервал од три минути македонските фудбалери два пати го совладаа Ванинс.

Првата шанса на мечот ја имаше Тричковски, чии удар успеа да го одбрани летонскиот голман. Пет минути подоцна одлична акција на нашите фудбалери по левата страна Елмас и Барди разменија додавања, фудбалерот на Наполи влезе во шеснаесетникот на латвија со приземна топка го проигра Пандев кој постигна гол.

Ова е прв гол за капитенот во овој квалификациски циклус, а вкупно 34 во 105 настап за Македонија.

Три минути подоцна одново Елмас беше зачетник на акцијата, а потоа на одбиената топка натрча Барди и од 18 метри стрелаше прецизно.

До крајот на полувремето Елмас имаше две можности да го зголеми резултатот меѓутоа ударот во 31 минута беше непрецизен, а во 34 минута Ванинс успеа да одбрани.

„Мртва шанса“ во 42 минута имаше Пандев, излезе сам пред голманот Внинс но не успеа да ја префрли топката преку голманот на Летонија.

Во второто полувреме можност да постигнат гол имаа Трајковски, чии удар заврши крај голот и Барди кој се обиде од слободен удар, но топката заврши во рацете на голманот.

Дамка на победата е жолтиот картон што го доби Барди, поради кој играчот на Леванте нема да игра против Словенија во Скопје на 10 октомври.

Словенија во нашата група забележа драматична победа над Израел во Љубљана. Словенците до победата 3-2 стигнаа со голот на Вербич во 90 минута.

Претходно во 40 минута Вербич погоди за водство на Словенија, а Израелците во воведните 20 минути од второто полувреме направија пресврт преку Натхо и Захави. Три минити по водечкиот гол на Израел, Безјак израмни на 2-2.

Во дербито на колото Полска и Австрија одиграа 0-0.

По шест кола во Г-групата води Полска со 13 бода, Словенија се искачи на второто место со 11, Австрија има 10, Македонија и Израел по 8, а Летонија е без освоен бод.