Македонија загуби од Украина во пет сета и по водство од 2-0

109

Mакедонските одбојкари загубија oд Украина со 2-3 во 2-то коло од квалификациите за ЕП 2019

Малку недостигаше Македонија да ја изненади Украина и заслужено да слави во вториот натпревар од групата Ф, во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во одбојка 2019 година. Македонија поведе со 2-0 во сетови, но не издржа докрај како во дуелот со Унгарија и на крајот загуби со 2-3 (27-25, 26-24, 20-25, 20-25, 12-15) во меч што траеше 2,18 часа.
Македонија ѝ беше рамноправен ривал на Украина во текот на целиот меч, на моменти и подобар. Она што го најави селекторот Никола Матијешевиќ пред мечот, дека Македонија не е без шанси, дека ќе се обиде да освои сет, два, па и три против Украина и оти треба да се наруши ритамот на нивната игра, да се спречат силните сервис-смечеви и да се подобри приемот, се оствари. Но, како и на првиот меч против Унгарија (и по водство од 2-0), следуваше пад во играта на Македонија – тенката клупа, малиот избор на играчи за ротација, „зачинети“ со заморот си го направија своето. Токму тие нијанси, пред сѐ поголемиот избор на одбојкари, честите промени и зачувувањето на свежината беа пресудни за победникот во овој дуел.

– Додека сѐ уште имавме сили, концентрација, свежина и особено ментална сила, доминиравме, направивме помалку грешки и заслужено водевме. Од друга страна, Украина по првиот сет замени четири од своите стартери и заигра уште подобро. Ние го немавме тој луксуз, а освен тоа, во овој натпревар влеговме по одиграните тешки пет сета во Унгарија. Украина, пак, за околу еден час игра ја заврши работата против Швајцарија во првиот меч, така што беа поодморни од нас. Нашата пократка клупа, заморот и губењето на концентрацијата го одлучија натпреварот – изјави по мечот македонскиот селектор Матијашевиќ.

Најдобар поединец на мечот беше капитенот на Македонија, Никола Ѓорѓиев, кој повторно одигра маестрално, речиси без грешка, забележувајќи 25 поени (против Унгарија имаше 42 поени). Покрај Ѓоргиев, одличен натпревар одиграа Александар Љафтов (19 поени), либерото Дарко Ангеловски со 38-отстотен прием на сервисите на Украинците, техничарот Ѓорги Ѓорѓиев, Владо Милев, но и Филип Маџунков и Васе Михаилов.

Македонија покажа дека има квалитет, волја и желба конечно сонот наречен играње на завршен турнир на ЕП да го претвори во јаве. Сега е потребно одбојкарите да се одморат добро по двата напорни меча и да се подготват за уште една важна пресметка, в среда против Швајцарија во Скопје. Швајцарците се сметаат за аутсајдери во групата, но во никој случај не смеат да се потценат. Со победа од тој дуел, потоа и на реваншот в сабота, Македонија ќе биде на прагот на пласман на финалниот турнир ЕП 2019, кој ќе се одржи во четири земји, Франција, Холандија, Белгија и Словенија и на кој, првпат, ќе настапат 24 репрезентации.