Луис Хамилтон си обезбеди место во историјата на Формула 1

150

Актуелниот светски првак победи на 1.000-та трка во Ф1, на патеката во Шангај, по 75-ти пат во кариерата

Британецот Луис Хамилтон, актуелниот светски првак во Формула 1 (Ф1), возачот на Мерцедес, си обезбеди место во историјата на овој спорт, победувајќи на трката за големата награда (ГН) на Кина во Шангај, 1.000-та трка во Ф1.
За него тоа беше втора победа сезонава, вкупно 75-та во кариерата. Поуспешен од него е само Германецот Михаел Шумахер, седумкратниот светски првак, со 91 победа.
Второто место во Шангај го освои клупскиот колега на Хамилтон, Финецот Валтери Ботас, а третото, Германецот Себастијан Фетел од Ферари.

По три извозени трки сезонава (од вкупно 21) води Хамилтон со 68 поени, пред Ботас со 62, Макс Верстапен од Ред Бул со 39, Фетел со 37 бода итн.
Јубилејната 1.000-та трка не ги оправда очекувања кога станува збор за возбудувањата и неизвесноста на патеката бидејќи победата на Хамилтон во ниту еден момент не беше доведена во прашање, но и на тимот на Мерцедес за кого ова беше трет еден/два триумф.

Многу возачи во Шангај носеа специјални заштитни шлемови за одбележување на 1.000-та трка. Доколку имаше награда за најдобар дизајн, веројатно ќе ја добиеше Австралиецот Даниел Рикардо (Рено), кој му оддаде почит на првиот австралиски Ф1-победник и трикратен светски шампион, сер Џек Бребам.
Првата Ф1-трка е возена на патеката во Силверстоун, Англија на 13 мај 1950 година (победи Џузепе Фарина), а вкупно 34 земји на шест континенти биле домаќини на Ф1 гранпри-трки.

На 1.000 досегашни трки победувале 105 различни возачи од 23 земји. Само 33 од нив имаат 10 или повеќе победи. Од друга страна, 31 возач имаат по една победа, почнувајќи од Американецот Џони Парсонс во првата сезона, па до Пастор Малдонадо во 2012 година.

Во тимска конкуренција со победи можат да се пофалат само 34 конструктори.
Пет од нив, Ферари, Мекларен Вилијамс, Мерцедес и Лотус триумфирале на 702 трки. Најмногу Ферари, 235, кој има учествувано на 975 од 1.000-те трки, повеќе од кој било друг тим. Мекларен има 182, Вилијамс 114 триумфи итн. Девет тима постигнале по една победа, последен Торо Росо во 2008 година.

Во 69-годишната историја на Ф1, имало возачи од 39 различни нации. Велика Британија имала најмногу, 163, пред САД, 153 итн. Осум земји имале само по еден претставник, и тоа Чиле, Чешка, Унгарија, Индонезија, Лихтенштајн, Малезија, Мароко и Полска.