Коу: Основа на сѐ во спортот е атлетиката

40

Среќен сум што приоритет е атлетиката во училиштата. Предизвикот останува ист – атлетиката да остане возбудлива. Мораме да иновираме, за таа да стане уште поатрактивна, рече, меѓу другото, Себастијан Коу, претседателот на ИААФ, при посетата на Скопје, по повод 70-годишнината на АФМ

Основа на сѐ во спортот е атлетиката, а основа на сѐ во атлетиката се клубовите. Разговаравме за важноста на атлетиката во животот на една нација. Среќен сум што приоритет е атлетиката во училиштата, изјави, меѓу другото, Себастијан Коу, претседателот на Светската атлетска федерација (ИААФ), на средбата со новинарите во Скопје.
Славниот британски атлетичар во неделата беше специјален гостин по повод 70-годишнината од формирањето на Атлетската федерација на Македонија (АФМ). Тој имаше средби со Крсте Серафимовски, претседателот на АФМ, со Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и за спорт, и со други спортски работници.

– Со доаѓањето на Коу покажуваме колкава е поддршката што ја добиваме како држава и како спорт од ИААФ. Тоа за нас е уште поголема обврска, секојдневно да работиме на подобрување на условите во спортот. Разговаравме за приоритетите на атлетиката во Македонија и во светот и се согласивме дека главен приоритет се младите категории. Секако, и кревање на условите и на стандардите во спортот и во атлетиката – рече Каевски.

Првиот човек на светската атлетика објасни дел од принципите на ИААФ за помош на националните федерации.

– Малите федерации имаат поголеми предизвици. Затоа го создадов фондот – олимписка атлетска дивиденда. Тој фонд функционира веќе три години и придонесува со по 25.000 долари годишно за секоја федерација што има проект што ги исполнува барањата што ги создадовме за развој на спортот, за опрема, инфраструктура и друго. Основната филозофија е едноставна. Летните олимписки игри во најголем дел се за атлетиката. Тоа е спорт број еден на Игрите, приходите од ТВ-права од ЛОИ се генерирани од атлетиката, а една петтина од сите спортисти на ЛОИ се атлетичари. Важно беше федерациите да учествуваат во тој фонд. Сакав да ги редистрибуираме приходите од ИОК од ТВ-правата назад во федерациите – вели Коу.

Серафимовски објасни дека помошта од ИААФ досега била и за опрема за скок во височина и за скок со стап, а наскоро АФМ треба да добие и најсовремена опрема за електронско мерење време.

– Предизвикот останува ист – атлетиката да остане релевантна и возбудлива. Мораме да иновираме, за атлетиката да стане уште поатрактивна – вели Коу за дел од идните планови на ИААФ за развој на атлетиката.


Омилена победа, таа на ЛОИ 1984

Мојата омилена победа е во трката за златниот медал на Летните олимписки игри во 1984 година во Лос Анџелес, во дисциплината 1.500 метри. Тогаш имав седум трки за девет дена. Седмата беше финалето на 1.500 метри. Во серијата трки имав и четири на 800, а сето тоа само со еден ден одмор. Тоа беше најтешката серија трки што сум ги трчал, вели Себастијан Коу, претседател на ИААФ, своевремено светски рекордер на 800 метри и на една милја, двоен олимписки првак на 1.500 м (1980 и 1984), европски првак (1986 на 800 м)…


„Коу е крал на атлетиката“

Оваа средба ја подготвуваме четири години. Голема благодарност до претседателот на ИААФ, Себастијан Коу, што дојде во најважниот момент, на 70-годишнината на АФМ. Неговото присуство го збогати нашиот јубилеј. Атлетиката е кралица на спортовите, но Коу е крал на атлетиката, рече Крсте Серафимовски, претседателот на Атлетската федерација на Македонија.