Кипчогe меѓу петте кандидати за најдобар атлетичар годинава

36
Кипчоге на трката во Виена

Елиуд Кипчоге (35) е меѓу петте кандидати за наградата најдобар машки атлетичар за 2019 година. Кенискиот атлетичар е првиот атлетичар што ја истрча маратонската патека побрзо од два часа (1:59,40 час) во октомври во Виена. Покрај него, за ова престижно признание конкурираат Американците Сем Хендрикс и Ноа Лојлс, Џошуа Чептеги од Уганда и норвешкиот тркач Карстен Ворхолм.

Хендрикс во 2019 година постави американски рекорд во скок со стап (6,06 м), победи на 12 натпревари на отворено, а го освои и златниот медал на СП во Доха. Лајлс ги освои светските титули на 200 м и на 4х100 м и стана четвртиот најбрз атлетичар во светот на 200 метри (19,50 секунди). Чептегеи ја освои светската титула во крос-кантри, триумфира во Дијамантската лига на 5.000 м и постави светски рекорд на 10.000 метри (26:48,36 мин.), а Ворхолм, кој годинава е без пораз, ја освои титулата на 400 метри, со што го постави второто најбрзо време во историјата (46,92 секунди).

На Кипчоге, кој е олимпискиот првак и светски рекордер во маратон (2:01,39 часа) и четирикратен победник на Лондонскиот маратон, постигнатото во Виена годинава сепак не му е признаено како светски рекорд, затоа што не било поставено во отворена конкуренција, а притоа користел екипа од т.н. ротирачки пејсмејкери (атлетичари што го одржуваат темпото на трката). Најдобрите во машка и во женска конкуренција за годинава ќе бидат прогласени во Монако, на 23 ноември.