Каруана му се доближи на Карлсен на само 12 поени

97

На најновата рејтинг-листа и понатаму води светскиот првак, но многу блиску е предизвикувачот за светската круна, па шаховскиот свет има добри шанси да го проследи мечот за планетарната титула помеѓу шахистите број еден и два, првпат по дуелот Каспаров – Карпов во 1990 година

Актуелниот светски шаховски првак, велемајсторот (ВМ) од Норвешка Магнус Карлсен септември ќе го почне со само 12 поени повеќе од Американецот и претендент за светската титула, Фабијано Каруана, на новата рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Карлсен остана на врвот на листите и во забрзан и во блиц-шах.

Карлсен доминира на класичната листа уште од 2011 година, но очигледно дека разликата помеѓу првите двајца шахисти на светот е мала. Пред нивниот дуел за светската титула, во ноември во Лондон (Велика Британија), Каруана има уште неколку партии да одигра до Шаховската олимпијада во Батуми, а Карлсен уште најмногу седум партии, и тоа на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Грција.

Како и да е, шаховскиот свет има добри шанси да го проследи мечот за светската круна помеѓу шахистите број еден и два, и тоа првпат по оној помеѓу Гари Каспаров и Анатолиј Карпов во 1990 година, барем според нивните играчки рејтинзи.
Класичната листа за септември покажува понатамошен пораст на Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров кон врвот, врз основа на неговите резултати од турнирите во Биел и во Сент Луис. Тој освои вкупно 19,1 поени ова лето.

Има уште еден шахист со рејтинг од над 2.800 поени. Тоа е Кинезот и член на скопски Алкалоид, Динг Лирен (рејтинг 2.804). Тој успешно закрепнува по фрактурата на колкот, играше четири партии со Бугаринот Веселин Топалов на средината на август, каде што победи во две партии, а во две ремизира, со што освои 7,2 рејтинг-поени.

Најголемата разлика кај врвните 10 е онаа помеѓу четвртиот и петтиот, па, така, 24 поени помалку од Динг има триото шахисти, сите со рејтинг од 2.780 – Французинот Максим Вашер-Легрев, Ерменецот Левон Аронијан и Холанѓанецот Аниш Гири.
Поранешните редовни шахисти во првите 10, Американецот Хикару Накамура и Русинот Сергеј Карјакин немаа одлично лето и сега се наоѓаат на 14-то, односно на 15-то место. 


Георгиев го презеде првото место на македонската листа

На македонската шаховска рејтинг-листа на врвот дојде до промени. Поради фактот што истакнатиот велемајстор (ВМ) Кирил Георгиев и трикратен победник на „Карпош опен“ ја смени шаховската федерација, премина од бугарската во македонската, тој (кој и во минатото ги има брането боите на Mакедонија на шаховските олимпијади и на европските првенства), сега е убедливо прв со 2.590 поени, односно 96 поени повеќе од второпласираниот ВМ Трајко Недев.
Кај македонските активни шaхистки прва е ЖФМ Моника Стојковска (рејтинг 2.106) или 42-ра на заедничката листа со македонските шахисти. Македонија, пак, на листата по подолго време е подобра од 50-то место од вкупно 178 земји, поточно е 49-та, блaгодарение на високиот реjтинг на Кирил Георгиев.