Карлсен: Не ги сакам ремијата, но не сум во паника

124

Првите седум партии беа многу израмнети, а немаше ни големи грешки, така што природно е што тие завршија мирољубиво, вели Каруана, претендентот за светската шаховска круна

Шаховската тензија во Лондон продолжува да се зголемува, откако со реми заврши (во 40-от потег) и седмата партија од мечот за титулата светски првак помеѓу актуелниот шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.835 рејтинг-поени, рангиран прв во светот), и претендентот, Американецот Фабијано Каруана (2.832, рангиран втор). Белите фигури ги водеше Карлсен.

Како и во втората партија, беше игран одбиен дамин гамбит и беа влечени истите воведни девет потези, за потоа Каруана брзо да одигра со својата кралица на полето а5 и веднаш да ја врати на своето почетно место, што, секако, го изненади светскиот првак, а подоцна Карлсен го призна тоа.

На тој начин не беше прекината низата од седум ремија, која беше видена и на мечевите за светски првак помеѓу Грузиецот Тигран Петросијан и Русинот Борис Спаски (1966 година) и помеѓу Индиецот Вишванатан Ананд и Израелецот Борис Гелфанд (2012-та), во кои бранителите на титулата успеаја да ја зачуваа светската круна.

– На хартија ова е апсолутно мојот најтежок противник. Затоа и мислам дека мечот ќе биде различен од претходните – рече Карлсен по седмата партија.
Во мечот за светски првак против Русинот Сергеј Карјакин во Њујорк во 2016 година, до седмата партија беше исто како и сега, но потоа Карлсен се обиде со поагресивна игра да ја добие осмата партија, која ја загуби. Овој пат Магнус можеби нема да сака да ја направи истата грешка и против Фабијано? Од друга страна, и Каруана најверојатно нема да ризикува по секоја цена, особено по горчливото искуство на претходниот Турнир на кандидатите, каде што токму поразот во 12-то коло од Карјакин го оддалечи од дуелот со Карлсен.

– Првите седум партии беа доста израмнети, а немаше ни големи грешки, така што природно е што тие завршија мирољубиво – вели Каруана.
Карлсен, пак, по малку фрустрирачки рече: „По седмата партија се чувствувам како да се извлеков од убиство, па во таа смисла полесно е да се биде смирен по ова седмо реми. Не ги сакам ремијата, но не сум ни во некаква паника. Воопшто не сум возбуден поради мојата игра, а животот продолжува“.

Во 1995 година Русинот Гари Каспаров и Индиецот Вишванатан Ананд одиграа во Њујорк осум ремија едноподруго. Во следните пет партии Каруана е во мала предност, оти трипати ќе игра со бели фигури. Во случај на нерешен резултат, по 12 партии следуваат партии со забрзано темпо на игра.