Карате-надежите со четири медали од ЕП во Алборг

157
Глигор Петков (лево) на церемонијата на прогласување на победниците

Вицешампиони на младинското ЕП станаа кадетот Бојан Костов и јуниорот Глигор Петков, а вчера попладне кај постарите јуниори (до 21 год.) за злато се бореа Петар Спасеновски и Доан Османи

Кадетот Бојан Костов (до 52 кг) и јуниорот Глигор Петков (над 76 кг) и двајцата во борби, предводени од селекторот Александар Кузмановски, се закитија со сребрени медали на 46-то Европско првенство (ЕП) во карате за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година), кое викендов се одржа во Алборг, Данска. Во мошне силна конкуренција на вкупно 1.092 каратисти од 51 држава, вчера на последниот ден, можност за нов медал на татамите имаа и постарите македонски јуниори (до 21 год.).
На патот до вицешампионското место Костов ги совлада Холанѓанецот Себастијан ван Тефелен (3-1), Словакот Јакуб Цернички (2-0), Италијанецот Матеа Бустеми (1-0) и Германецот Мухамед Оздемир (0-0), додека во финалето загуби од Русинот Ахмет Ахмедов (0-8).

Глигор Петков, пак, до среброто стигна откако ги победи Финецот Јоханес Корпела (1-0), Данецот Пав Хаструп (0-0), Словакот Томас Коса (1-0) и Русинот Сергеј Калинин (4-1), додека во финалето загуби од Ирецот Крин Мекарти (0-8).
Успехот е дотолку поголем, оти на ланското младинско ЕП во Сочи, Русија (988 каратисти од 44 држави), Македонија (настапи со 21 каратист) не успеа да се врати со медал.

– Задоволен сум од настапот на моите избраници и постигнатите резултати на ова ЕП. Бојан Костов и Глигор Петков освоија бронзен медал, што претставува голем успех за македонското карате и воопшто за македонскиот спорт во оваа возрасна категорија. И Костов и Петков се всушност нашата иднина од која со право треба да очекуваме уште врвни и светски резултати, како што е на пример Светското првенство (СП), кое нѐ очекува на крајот на годината во Сантијаго (Чиле). Немаше да ја изненадиме македонската јавност доколку имаше уште два медала, оти искрено очекував медал и од јуниорите Марио Свинарски и Абдураим Идриз, а ќе го пофалам изненадувањето, кадетот Стефан Стојковиќ, кој заврши на петтото место, откако ја загуби борбата за бронзениот медал – дециден е селекторот Александар Кузмановски.

На ЕП во 2017 година, пак, Петар Заборски освои бронза (до 75 кг), во категоријата постари јуниори (до 21 год.). Со овој медал, како и овие во Алборг, македонското карате ја продолжува традицијата на освојување медали од ЕП.

– Сакам да нагласам дека откога каратето стана олимписки спорт станува сѐ посилна конкуренцијата и во овие категории, каде што, ќе потсетам, Македонија има и олимписки медалист, а тоа е историската бронза на Фахик Весели од последната младинска олимпијада, што претставува и дополнителна обврска за мене како тренер и селектор, но и за Македонија, на секое првенство да го држиме тој континуитет во постигнување одлични резултати. Претстои многу работа пред нас со оваа талентирана генерација и, секако, ќе се потрудиме да испишеме уште побогата историја во македонското карате со нови високи спортски резултати – оптимист е Кузмановски.


Спасеновски и Османи вчера се бореа за злато

Вчера попладне уште двајца македонски каратисти во категоријата постари јуниори (до 21 год.) во борби се бореа на татамите за злато. Петар Спасеновски (до 84 кг) во финалето за противник го имаше Грузиецот Никита Бељавски, а Доан Османи (до 75 кг), Словакот Ади Бјурик. Тоа значи дека Македонија од Алборг се враќа со вкупно четири медали. Останува само да се види дали тоа ќе бидат два златни и два сребрени, еден златен и три сребрени или, пак, четири сребрени.

Костов со селекторот Кузмановски