Каратето останува „индустрија“ за медали

118
Спасеновски и Османи на највисоките места на пиедесталот на Европското првенство

Последното младинско ЕП, каде што се освоени по два златни и сребрени медали, доволно говори дека и годинава каратето, кое со право е спорт што доминира во Македонија последниве неколку години, ќе граби напред со чекори од седум милји

Македонското младинско карате ги доживува своите ѕвездени моменти. Освоените четири медали, од кои по два златни и сребрени на Европското првенство (ЕП) за кадети, јуниори и за јуниори до 21 година, кое викендов заврши во Алборг, Данска, е и најголем успех според бројот на освоени најсјајни медали. А за тоа на последниот трет ден се погрижија Доан Османи (категорија до 75 кг) и Петар Спасеновски (до 84 кг), и двајцата во борби, предводени од селекторот Арлинд Хусеини.
Османи во финалната борба го совлада Грузиецот Никита Бељавски со 4-0, а Спасеновски славеше против Словакот Ади Гјурик (1-1), благодарение на тоа што прв освои поен на татамот. Еден ден претходно сребрени медали освоија кадетот Бојан Костов (до 52 кг) и јуниорот Глигор Петков (над 76 кг) во борби.

– Секако дека ова е најголем успех на македонските карате-надежи на едно ЕП според бројот на златни медали. Алборг е само уште еден показател дека Македонија има квалитетен и надежен млад натпреварувачки потенцијал, кој и во иднина треба да носи медали. Спасеновски и Петков, како каратисти што повеќе години успешно тренираа и ги бранеа боите на КК Металург, а кои од пред седум месеци заминаа во КК Макпетрол, уште еднаш го покажаа својот богат натпреварувачки дух на татамите, а особено Спасеновски, кој и на ЕП во 2016-та во Лимасол освои јуниорски медал, бронзен. Но ако сакаме и понатаму да имаме ваков успех и нови медали, ќе мора да се зголеми постојната база на каратисти, која, пак, од своја страна, ќе претставува и гарант за нови талентирани каратисти и успеси, но само со правилна работа како во клубовите, така и во Карате-федерацијата на Македонија – истакна искусниот тренер на Металург, Мирче Јанушевски.

Во мошне силна конкуренција на 1.092 каратисти од 51 држава, со освоените медали Македонија во Алборг заврши како седма, а доминираа Турција со 16 (шест златни, четири сребрени и шест бронзени), Италија со 11 (5-4-2) и Русија со 12 медали (5-1-6) итн.

Сето ова доволно говори дека и годинава каратето, кое со право е спорт што доминира во Македонија последниве неколку години, со чекори од седум милји ќе граби напред. Не случајно лани во традиционалниот избор на Агенцијата за млади и за спорт (АМС) победи во четири номинации, Емил Павлов, кој вторпат стана европски првак во 2018-та, беше прогласен за најуспешен спортист во Македонија, а Фаик Весели, пак, кој освои бронза на Младинските летни олимписки игри (МОИ) во Буенос Аирес (историско постигнување за македонското карате, оти е прво одличје остварено на вакви игри и меѓу 33 спорта), за најдобар млад спортист.

Со новите медали продолжи континуитетот на успеси на македонското карате на меѓународната сцена. Почнувајќи од сениорско карате од 2007 година, досега се освојува медали секоја година, со исклучок на 2012-та. Не треба да го заборавиме и фактот дека Македонија од осамостојувањето има само еден олимписки медал (борачот Могамед Ибрагимов), но откако Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) го смести каратето во олимпиското семејство, бројот на медали за Македонија може многу да се зголеми, се разбира ако претходно се обезбеди норма за настап на Летните олимписки игри во Токио во 2020 година. Каратистите се големи оптимисти.